Како што пренесува Си-ен-ен, се очекува американскиот државен секретар, Марко Рубио да отпатува во Израел на 28 февруари за да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и да го информира за разговорите со Иран
Според анализата на Си-ен-ен, неколку настани би можеле да влијаат за тоа нападот врз Иран да не се случи овој викенд. Тоа се Зимските олимписки игри, што претставуваат момент на глобално единство, а завршуваат во недела, почетокот на Рамазанските пости и тоа што Трамп во вторник ќе го одржи своето годишно обраќање до нацијата
Американската војска е подготвена уште викендов да го нападне Иран, иако претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп сè уште не донел конечна одлука за одобрување на таква акција, пренесува Си-ен-ен.

Белата куќа е информирана дека војската би можела да биде подготвена за напад до викендот, по значителното зголемување на воздушните и поморските сили на Блискиот Исток во последните денови.
Сепак, постојат и предупредувања дека Трамп приватно презентирал аргументи за и против воена акција и ги прашал советниците и сојузниците за тоа кој би бил најдобриот тек на дејствување.
Високи претставници за национална безбедност се состанаа во Белата куќа со цел да разговараат за ситуацијата во Иран. Трамп доби дополнителни информации и од специјалниот пратеник Стив Виткоф и од неговиот зет Џаред Кушнер за нивните индиректни разговори со Иран што претходно се одржаа.
Сепак, се уште не е јасно дали Трамп ќе донесе одлука за напад на Иран до викендот.
„Тој поминува многу време размислувајќи за ова“,
велат извори за Си-ен-ен.
Рубио на средба со Нетанјаху во Израел
Иранските и американските преговарачи во вторникот три и пол часа разменуваа пораки за време на индиректните разговори во Женева, завршувајќи ги без јасна резолуција.
Главниот преговарач на Иран рече дека двете страни се согласиле за сет водечки принципи, додека американски функционер вели дека сè уште има многу детали за дискусија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека се очекува Иран во следните недели да даде повеќе детали за својата преговарачка позиција.
Сепак, таа не одговори на прашањето дали Трамп ќе ја одложи воената акција во тој период.
„Нема да поставувам рокови во име на претседателот на САД. Дипломатијата е секогаш негова прва опција“,
кажа таа.
Според неа, постојат многу причини и аргументи што можат да се изнесат за напад врз Иран, додавајќи дека Трамп, сепак, се потпира првенствено на советите од неговиот тим за национална безбедност.
Како што пренесува Си-ен-ен, се очекува американскиот државен секретар Марко Рубио да отпатува во Израел на 28 февруари за да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и да го информира за разговорите со Иран.
Иран ги зајакнува своите нуклеарни објекти
Според Си-ен-ен, поттикнати се стравувањата од воен конфликт меѓу двете земји, дури и кога официјалните лица се надеваат на дипломатија.
„УСС Џералд Форд“ – најнапредната група носачи на авиони во американскиот арсенал би можела да пристигне во регионот уште овој викенд. Американските воздухопловни сили со седиште во Обединетото Кралство, вклучувајќи танкери за полнење гориво и борбени авиони, се преместуваат поблиску до Блискиот Исток.
Во меѓувреме, според новите сателитски снимки и анализи од Институтот за наука и меѓународна безбедност, Иран ги зајакнува своите нуклеарни постројки, користејќи бетон и големи количини земја.
Според анализата на Си-ен-ен, неколку настани би можеле да влијаат за тоа нападот врз Иран да не се случи овој викенд. Тоа се Зимските олимписки игри, што претставуваат момент на глобално единство, а завршуваат во недела, почетокот на Рамазанските пости, како и тоа што Трамп во вторник ќе го одржи своето годишно обраќање до нацијата.
