Шведскиот епидемиолог и шеф на државната Агенција за јавно здравје, Андерс Тегнел, изјави дека неговиот коментар дека Шведска можела подобро да се справи со епидемијата со коронавирусот не значи дека ја отфрла стратегијата што беше применета за време на кризата, пренесува шведскиот портал „Локал“.
„Доколку требаше да се соочиме со истиот предизвик денеска, знаејќи сѐ што научивме во меѓувреме, мислам дека би измислиле стратегија за борба која би била нешто помеѓу тоа што го направивме и тоа што е направено во светот“,
рече утринава овој шведски експерт во радиоемисија.
Неговиот норвешки колега, епидемиолог и директор во Норвешкиот институт за јавно здравје, Фрод Форланд, минатиот месец ја обвини Шведска дека непопустливо се држи до плановите подготвени долго време пред пандемијата и затоа не успеа успешно да се приспособи на ситуацијата и околностите по прогласувањето на пандемијата.
Шведскиот стручњак и неговите колеги во Агенцијата за јавно здравје постојано тврдат дека нивната стратегија за постепено воведување мерки и информирање на луѓето со цел да ги убедат доброволно да ги следат советите и мерките на експертите, е подобра од воведувањето вонредна состојба.
Тегнел, меѓутоа, призна дека има премногу жртви од ковид-19.
Главниот шведски епидемиолог, кој е застапник на стратегијата да не се затвори земјата поради пандемијата на новиот коронавирус, вчера призна дека требало да бидат воведени рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на заразата.