Финансирањето на оваа стратегија ќе биде во износ од 5,6 милијарди шведски круни од кои 5 милијарди ќе бидат за земјите од Западен Балкан, а 0,6 милијарди за Турција. Од шведската амбасада во земјава најавуваат дека ќе има инклузивен процес во спроведувањето на стратегијата за што ќе упатат покана до повеќе страни за учество во процесот
Шведската влада вчера донесе нова седумгодишна стратегија за реформска соработка помеѓу Шведска и Западен Балкан и Турција чија цел е да се зајакне демократскиот и инклузивниот развој, соопштија на шведската амбасада во земјава.
Стратегијата е за периодот 2021-2027 година и со неа Шведска ќе ја зајакнува работата на полето на човековите права, демократијата, владеењето на правото, родовата еднаквост, инклузивниот економски развој, заштитата на животната средина и борбата со климатските промени. Исто така, шведската поддршка ќе се фокусира и на миротворни и инклузивни општества и ќе гради широки и долгорочни односи помеѓу Шведска и земјите од регионот.

„Развојот на соседството на ЕУ е од важност за Шведска и за Европската Унија. Во интерес на Шведска е да продолжи соработката со земјите од Западен Балкан со цел да придонесе кон демократскиот развој со фокус на почитувањето на човековите права, родовата еднаквост и владеењето на правото“,
изјави шведскиот министер за меѓународна развојна соработка, Пер Олсон Фрид.
Финансирањето на оваа стратегија ќе биде во износ од 5,6 милијарди шведски круни од кои 5 милијарди ќе бидат за земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина), а 0,6 милијарди за Турција. Стратегијата ќе ја спроведува Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – Сида, Шведскиот институт, Академијата „Фолке Бернадоте“ и Генералниот конзулат на Шведска во Истанбул.
Од шведската амбасада во земјава најавуваат дека ќе има инклузивен процес во спроведувањето на стратегијата за што ќе упатат покана до повеќе страни за учество во процесот.
„Шведска е еден од најголемите билатерални донатори во земјите од Западен Балкан. Шведската поддршка ја надополнува работата на ЕУ во областите кои се приоритетни за Шведска. Согласно стратегијата, Шведска ќе продолжи да придонесува кон поддршката на ЕУ наменета за земјите од регионот во нивните реформски агенди и во нивното приближување кон ЕУ. Поддршката за граѓанското општество е од клучно значење за демократскиот развој и за шведската поддршка на земјите, што е одразено и во стратегијата“,
велат од Амбасадата на Шведска во Скопје.