Балканот изминатата недела се најде на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Белград, Сараево и Загреб се најдоа на првите десет места на листата според Еар вижуал, системот со кој се мери загаденоста на воздухот во светот.
Ова го вклучи алармот кај тамошните власти кои формираа координативни тела за справување со загадувањето, свикаа итни состаноци и дефинираа вонредни мерки.

Скопје со години не е дебитант на оваа листа на најзагадени градови. Многу често изминатите години беше единствениот град од регионот на врвот на ваквите неславни рангирања. Она што сега се прави во балканските градови, Скопје го помина одамна – вонредните мерки беа секојдневие возимските денови, имаше и граѓански протести, а пред две години владата донесе двегодишен План за чист воздух кој ги дефинира мерките кои треба да ги преземат институциите за намалување на аерозагадувањето за 50 проценти.
Токму ова наше искуство, амбасадата на Шведска во Сараево го посочува како пример како може некој град да го подобри квалитетот на воздухот.
Во пост на Фејсбук профилот, амбасадата посочува дека последните години граѓаните почнаа да ти поттикнуваат политичарите да воведуваат мерки и да ги подобруваат условите за живот на граѓаните, што резултирало со Планот за чист воздух.

Во постот амбасадата потенцира делови од планот – замена на мониторинг станиците, зголемување на бројот на вработените во инспекторатот за животна средина, намалување на ДДВ за греење, домаќинствата се поврзани на греење на гас, забранета е продажба на јаглен за греење, исчистени се депониите, воведени се строги контроги во градежништвото и реструктуирање на јавниот превоз, па прашува: дали се можни вакви решенија за Сараево, Тузла и другите градови?
Но, на ваквиот пост следуваат коментари кои всушност укажуваат дека дел од она што е содржано во двегодишниот План се уште е само на хартија – домаќинствата не се греат на гас, депонии и натаму има, а греењето и натаму е на дрва и јаглен. Од амбасадата признаваат дека она што е содржано во нивниот пост е преземно од планот, но оставаат простор, бидејќи од неговото спроведување е помината само една година и преостанува уште една, па сепак има надеж дека тој ќе биде исполнет.
Што е сработено за една година
Пред нецел месец, на прес конфренција заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули објави дека во изминатата 2019 година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10, за што како што рече придонеле климатските промени, но и зголемената свест кај граѓаните особено помладите, кои користат превозни средства кои не загадуваат, сепарираат отпад и ги убедуваат своите родители да не се греат на дрва.

Како успешен пример ги наведе и воведените 24 часовни, построги инспекции од страна на надлежните институции при што за првпат се фаќаат сторители кои палат кабли или стрништа, за нив се поднесуваат соодветни пријави, во Скопје има повеќе зеленило, во 108 објекти во 36 општини има фотоволтаични системи, намалување на ДДВ-то за парното греење, одржување на исплатлива цена на струујата, замена на нееколошките системи за греење во 45 објекти-градинки, училишта и административни објекти и друго.
По прес конференцијата на Макрадули „360 степени“ спроведе истражување за тоа дали дишеме подобар, полош или ист воздух споредено со минатите години.
Од анализата на мерните станици навистина се покажува позитивен тренд во 2019-та. За заменик-министерот за животна средина Макрадули подобрувањето на воздухот се должи на владините политики и стратегии. Но за невладините податоците немаат врска со владините политики туку дека се погодило времето. Дополнително на тоа, долг период некои мерни станици не работеа, па затоа сметаат дека има дупки во податоците.
Целото истражување може да го прочитате ТУКА.