Во Шведска од крајот на минатиот месец во сила се рестриктивни мерки и забрана за јавни собири
Премиерот на Шведска, Стефан Ловен, денеска изјави дека експертите, кои за време на првиот бран од пандемијата се залагале да не се воведуваат рестриктивни мерки, ја потцениле виталноста на ковид-19.
„Мислам дека многумина не видоа каков бран се надвиснува над нас“,
истакна Ловен во интервју за шведскиот дневен весник „Афтенпостен“.
Шведската агенција за статистика соопшти дека во ноември се евидентирани вкупно 8 088 смртни случаи, што е најголема смртност во Шведска од првата година од пандемијата на шпанскиот грип, кога се евидентирани над 16 000 починати.
Во Шведска до денеска се регистрирани 320 098 инфицирани лица и 7 514 починати од последици од ковид-19. Бројот на смртни случаи во Шведска е значително поголем во споредба со другите скандинавски држави.
Во средината на ноември, Шведска го напушти моделот според кој требаше населението да стекне имунитет на стадо.
Пред една недела шведската влада предложи нов закон со кој ќе се овозможат поголеми овластувања во борбата против пандемијата на новиот коронавирус.
Новиот закон предвидува владата да може да нареди и да имплементира рестриктивни мерки, како што е затворање на трговските и фитнес-центрите.
Во Шведска на сила се рестриктивни мерки и забрана за јавни собири.
