Со оваа сума, трите нордиски земји ќе учествуваат во иницијативата координирана од НАТО за задоволување на приоритетните барања на Украина. Според најавите, оружјето треба да го платат европски членки на НАТО и Канада, а ќе го испорачаат САД. Холандија беше првата што го објави своето учество во оваа иницијатива со 500 милиони евра

Шведска, Норвешка и Данска заеднички ќе придонесат со околу пет милијарди норвешки круни или нешто повеќе од 422 милиони евра во иницијативата предводена од НАТО за снабдување на Украина со американско оружје, соопшти норвешката влада.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, минатиот месец изјави дека САД ќе ѝ го испорачаат оружјето на Украина, а европските сојузници ќе платат за него, но не кажа како.
Шведска објави дека нејзиниот дел од пакетот, кој вклучува ракети за системот „Патриот“ и друга опрема за противвоздушна одбрана, како и противтенковска муниција, ќе биде во вредност од 238 милиони евра.
„Континуираното снабдување со овој вид американска одбранбена опрема, која Европа не може да ја испорача во доволни количини, е клучно за одбранбените капацитети на Украина“,
изјави шведската вицепремиерка Еба Буш.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата им е благодарна на трите нордиски земји за нивната брза акција во финансирањето на пакетот.
НАТО објави дека ќе ја координира иницијативата за задоволување на приоритетните барања на Украина, финансирана од европските членки на Алијансата и Канада.
Холандија беше првата што го објави своето учество во оваа иницијатива со 500 милиони евра.