Андерсон кажа дека на земјата ѝ се потребни формални безбедносни гаранции со членството во НАТО и додаде дека Шведска ќе го стори истото како и Финска, која вчера официјално објави дека ќе поднесе барање за приклучување кон Алијансата
Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска и официјално соопшти дека Шведска ќе ѝ се придружи на Финска во аплицирањето за членство во НАТО во време на руската инвазија на Украина.
Оваа историска промена, по повеќе од 200 години шведска воена неутралност, доаѓа поради руската инвазија на Украина и најверојатно ќе предизвика бурни реакции од Русија која реагираше остро и на најавите односно уште пред официјалната потврда од шведските власти.
Премиерката Магдалена Андерсон за време на обраќањето пред пратениците во парламентот во Стокхолм оваа одлука ја оцени за „историска промена во безбедносната политика на Шведска“.
Андерсон кажа дека на земјата ѝ се потребни формални безбедносни гаранции со членството во НАТО и додаде дека Шведска ќе го стори истото како и Финска, која вчера официјално објави дека ќе поднесе барање за приклучување кон Алијансата.
Таа оцени дека Шведска ќе ја има најдобрата одбрана како членка на НАТО и дека нема причина да се верува дека трендот (на руските акции) ќе се промени во догледна иднина.
Photo: EPA-EFE/TOMS KALNINS