Ограничувањето на слободата на движење преку границите на нордискиот регион ќе претставува политичка одлука за која нема оправдување во здравствената ситуација, вели шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде.
Додека многу земји од Европа размислуваат како да ги намалат рестриктивните мерки за патување во текот на летото, во нордискиот регион се загрижени оти е можно зголемување на можноста за ширење на вирусот, пишува Ројтерс.
Повеќе од 4.000 Швеѓани починаа како резултат на заболувањето од коронавирусот, што е за речиси за четирипати повеќе отколку во другите нордиски држави заедно. Министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, смета дека епидемијата најмногу го погоди главниот град Стокхолм додека јужните делови на земјата имаа значително помалку проблеми.
Шведска не ги затвори своите граници кон соседните земји и одлучи да не воведува строги мерки на ограничување какви што беа типични за останатите соседни земји. Во земјата во текот на епидемијата останаа отворени голем дел на училишта, барови и ресторани.
Министерката Линде потсети дека Европската унија рече да не биде дискриминирана ниту една земја кога границите ќе се отворат.
„Ова е комплицирано прашање, а сметам дека политичарите во сите земји треба да ги согледаат долгорочните ефекти пред да донесат одлуки кои би биле политички мотивирани“,
вели Линде.
Шведската влада ги советуваше пак своите граѓани да не патуваат во странство овој период, освен ако тоа не е неопходно.