Според Универзитот во Берн, наколните населби на Алпите и на Балканот се единствените остатоци од населби од неолитско доба и се со одлично зачуван органски материјал. Наодите од Охридското Езеро се особено интересни затоа што таа област игра клучна географска улога во проширувањето на земјоделството
Луѓето што се населиле на брегот на Охридското Езеро пред околу 7 000 години, најверојатно, се првите земјоделци во Европа. До ваков заклучок дошле научници од Универзитетот во Берн кои спровеле дендрохронолошки истражувања на остатоците од наколните населби на брегот на најстарото езеро во Европа.
Археолошките локалитети под вода, какви што се остатоците од темелите на наколната населба во Охридското Езеро во заливот Плоча Миќов Град, се дар од Бога за науката, велат научниците, бидејќи вкупно 800 дрвени колци не биле изложени на кислород илјадници години и не се оштетени од габи или бактерии. Тие се особено погодни за дендрохронолошки истражувања, постапка за точно одредување на староста на колците преку нивните годови. Во комбинација со датирање со радиојаглерод, староста на дрвото може точно да се одреди – а со тоа и времето во кое населбите се подигнати. Научниците велат дека овој метод првпат бил искористен надвор од Алпскиот регион.
Било утврдено дека изградбата на населбата во заливот Плоча Миќов Град се одвивала во различни фази и тоа траело со милениуми – а не, како што се претпоставуваше досега, во периодот околу 1 000 година пр.н.е.
Изградбата на населбата на брегот на Охридското Езеро се одвивала од неолитското време (средината на 5 милениум пр.н.е.) до бронзеното време (2 милениум пр.н.е.). Покрај тоа, според археолошкиот тим, „извонредната густина“ на населбата е доказ за интензивна градежна активност со текот на времето, а објектите, до одреден степен, биле градени еден врз друг.
„Прецизните датуми на различните фази на населување на Плоча Миќов Град претставуваат важни временски референтни точки за хронологијата на праисторијата на Југозападниот Балкан. Точната хронолошка класификација отвора нови можности за толкување на трагите пронајдени од раната населба во Охридското Езеро“,
вели Алберт Хафнер, водач на истражувањето и професор по праисториска археологија на Универзитетот во Берн.
На дното на езерото е скриен слој од 1,7 метар културолошки остатоци и тој првенствено се состои од органски материјал. Станува збор за остатоци од собрано жито, како и диви растенија и животни, кои овозможуваат да се извлечат заклучоци за развојот на земјоделството. Новопристигнатите земјоделци биле соочени со релативно ладна, влажна клима, на која морале да ги приспособат своите секојдневни земјоделски активности.
„Интеракциите помеѓу оваа револуционерна иновација и животната средина се во голема мера непознати“,
вели Хафнер.

Според соопштението за медиумите од Универзитетот во Берн, наколните населби на Алпите и на Балканот се единствените остатоци од населби од неолитско доба и се одлично зачуван органски материјал. Наодите од Охридското Езеро се особено интересни затоа што таа област игра клучна географска улога во проширувањето на земјоделството.
Пред повеќе од 8 000 години раните сточари и фармери од Анадолија прво дошле во Егејскиот регион, а потоа преку Јужна Италија и Балканот се преселиле во Централна Европа.
„Нашите истражувања фрлија светлина врз големиот потенцијал за идни истражувања за праисториските населби во регионот. Наколните населби околу Алпите се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО од 2011 година, а надводните населби во Југозападниот Балкан не се помалку важни. Сакаме да помогнеме локално да се препознае важноста на овие населби и овие културни богатства да бидат подобро заштитени“,
објаснува Хафнер.

Во 1977 година се извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град, во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани. Истражувачите на дното од езерото досега евидентираа 6 000 дрвени колци во истражувачките кампањи изведувани повремено од 1997 до 2005 година.
Во 2008 година беше отворен и музеј на овој археолошки локалитет во кој беа вложени два милиона евра.