Во првата година тоа да бидат помеѓу 5 000 или 10 000 семејства и тоа би биле филтри коишто градот би им ги подарил на домаќинствата. Значи, грант-филтри, не да треба да ги плаќаат граѓаните, вели кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје

Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вели дека нуди брзи и долгорочни мерки кои треба да го намалат загадувањето на воздухот во Скопје. Како краткорочна мерка, спомена и бесплатни филтри за оџаците на неколку илјади домаќинства во градот.
„Јас за проблемот со загадувањето зборувам години наназад и секогаш велев дека ова не е краткорочен процес, дека е процес којшто бара време и многу внимание. Секако, има мерки коишто можат во наредните неколку години да го намалат загадувањето. Како да речеме, еве ние во програмата предвидовме мерка да се стават филтри на оџаците на домаќинствата. Тоа е краткорочна мерка којашто може да го намали загадувањето на воздухот односно да ги задржи ПМ-честичките коишто излегуваат во воздухот. Да речеме, во првата година тоа да бидат помеѓу 5 000 или 10 000 семејства и тоа би биле филтри коишто градот би им ги подарил на домаќинствата. Значи, грант-филтри, не да треба да ги плаќаат граѓаните“,
вели Шукова во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа додава дека нов, еколошки БРТ (брз автобуски превоз) исто така ќе го намалите загадувањето, а како друга мерка го спомена и решавањето на проблемот со отпадот во Скопје, со нов систем на селекција и намалување на количините на отпад.
„Тоа се сет мерки во различни области коишто ќе влијаат директно на намалување на загадувањето, исто така и посериозна контрола на индустријата“,
заклучи Шукова.