Во делот за сообраќај, Шукова најави промена во приоритетите, најавувајќи дека пешаците и велосипедистите ќе бидат на врвот на сообраќајната пирамида

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, денеска ја претстави својата визија за урбаниот развој на главниот град, која се темели на одржливост, рамномерност и хуманост.
Клучна цел на нејзината програма е пренасочување на развојот кон северниот дел на градот, давање приоритет на луѓето пред автомобилите и масовно зазеленување.
„Мојата визија за Скопје се гради на инклузивен раст, отпорна инфраструктура, достапни јавни простори и ефикасен транспорт. Новиот Генерален урбанистички план ќе се темели токму на овие постулати – град што се развива со луѓето, за луѓето“,
изјави Шукова.
Шукова нагласи дека една од најголемите цели е воспоставување баланс во урбаниот развој, кој досега бил неконтролирано насочен кон јужниот дел.
„Неконтролираната градежна експанзија јужно од Вардар ја надмина инфраструктурата и го ’задуши’ градот. Затоа ќе се фокусираме на развој на нови станбени населби северно од реката Вардар, каде што ќе се вложува во нова инфраструктура, со што ќе се привлечат инвестиции и ќе се обезбеди рамномерна урбана слика“,
рече таа.
Во делот за сообраќај, Шукова најави промена во приоритетите, најавувајќи дека пешаците и велосипедистите ќе бидат на врвот на сообраќајната пирамида.
Таа најави претворање на центарот на Скопје во пешачка зона, додека новите булевари на северот ќе обезбедат подобра поврзаност исток-запад, без да се зголеми притисокот врз градското јадро.
Посебен акцент Шукова рече дека ќе биде ставен на зеленилото и животната средина.
„Скопје мора повторно да дише. Затоа ќе вложуваме во паркови, јавни простори и чиста животна средина“,
рече Шукова.
Таа повторно ја најави изградбата на 15 нови паркови за 15 месеци.
„Изградба на ботаничката градина кај ЈП ’Паркови и зеленило’, пошумување на ободот на градот како продолжение на Водно. Уредување на пешачко-велосипедската патека вдолж Вардар до Сарај“,
рече Шукова.
Шукова ја претстави и нејзината долгорочна тридецениска визија, во која рече дека граѓанинот ќе биде во центарот на планирањето.
„Сакаме Скопје да биде креативен, отпорен и зелен град – место каде што луѓето живеат, работат и инвестираат во здрава и човечка средина“,
кажа Шукова.