Не треба да си дозволиме натаму да одиме со нови објекти кои ќе го загрозуваат Охридското Езеро, а основа на сето тоа треба да биде комуникацијата. Бидејќи албанската страна не нè информира, ние ќе комуницираме за да видиме кои се плановите. Какви било активности можат да се реализираат само согласно препораките на УНЕСКО, вели министерката Шукова

Македонските власти немаат официјални информации дека кај изворите кај Дрилон, на албанската страна од Охридското Езеро, се спроведуваат градежни активности.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова вели дека информацијата ја добиле од медиумите, но дека официјално известување од албанската страна немаат.
„Информацијата ја добивме преку медиумите. Официјално известување од албанската страна немаме. Минатата седмица имавме средба на Комисијата за УНЕСКО, на која немаше никаква најава за ваквата активност. Во рамки на институциите и на комисиите за заштита на Охридското Езеро ќе направиме комуникација за да добиеме официјално известување што се случува“,
рече Шукова при нејзината денешна посета на Општина Дебрца на настанот за одбележување на Денот на Натура 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот.
Шукова ја нагласи потребата од меѓусебно запознавање и информирање од двете страни за секоја активност во Охридскиот регион, како и да се внимава што се работи на терен.
„Не треба да си дозволиме натаму да одиме со нови објекти кои ќе го загрозуваат Охридското Езеро, а основа на сето тоа треба да биде комуникација. Бидејќи албанската страна не не информираше, ние ќе комуницираме за да видиме кои се плановите. Какви било активности можат да се реализираат само согласно препораките на УНЕСКО“,
рече таа.
Шукова нагласи дека Република Северна Македонија не дозволува какви било градежни активности на македонска страна, а нема да даде зелено светло ниту на тоа што се случува на албанска страна.
„Ние не се мешаме во работите на Република Албанија, но секако ќе има препорака да се внимава, особено во крајбрежниот појас на Охридското Езеро. Не би рекла дека УНЕСКО има двоен аршин, мислам дека УНЕСКО работи според стандарди, тоа што е утврдено за едната страна секако ќе важи и за другата страна. Мислам дека ќе има и соодветни реакции од УНЕСКО ако е тоа надвор од она што предвидуваат препораките и е во спротивност на заштитата на крајбрежниот појас на езерото“,
рече министерката Шукова.
За градежните активности кај изворите кај Дрилон, на албанската страна од Охридското Езеро, вчера алармираа од иницијативата Охрид СОС. Оттаму на нивната фејсбук-страница споделуваат дел од објавените фотографии само, како што наведуваат, да се види обемот на узурпација на природата.
„Да не заборавиме, заради вакви и слични предлози или интервенции на македонска страна беше предложено Охридскиот Регион да се стави на листата Светско наследство во опасност. Се чини како албанскиот премиер (кој ги сподели овие фотографии на Фејсбук) да не е во тек со процесите кои се одвиваат, па форсира зафати кои се во спротивност на дадените препораки. Наместо исполнување на препораките, имаме вакви нови ситуации, кои не одат во прилог на заштита туку напротив, дополнително ги уништуваат специфичните предели“,
се вели во фејсбук-објавата од Охрид СОС.
Од Охрид СОС велат дека албанскиот премиер во објавата не наведува дали пред да започнат овие активности се консултирани стручни лица или соодветни научни институции, дали е направена стручна оценка за влијанието врз животната средина, колкав ќе е притисокот врз другите животински и растителни врсти.
Еколошките активисти и од албанска и од македонска страна деновиве алармираат за градежни активности кај Тушемиште, во албанскиот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро. Механизација беше забележана како влегува во Езерото и бетонира уште и пред неколку седмици кога во посета на Охридскиот регион беа претставници на Рамсарската, Бернската конвенција и на УНЕСКО, кои допатуваа за да ја утврдат ситуацијата на терен, односно дали се спроведуваат препораките за заштита на регионот како светско природно наследство.
Експертскиот извештај од спроведената теренска проценка на Охридскиот Регион од страна на делегацијата на Бернската конвенција, Рамсарската конвенција и на УНЕСКО ќе биде елабориран на крајот на годинава.
Од Бернската конвенција информираа дека независниот експерт ќе го елаборира извештајот за мисијата и нацрт-препораките, што ќе бидат доставени на разгледување со цел усвојување на 43-та сесија на Постојаниот комитет што е предвидено да се одржи кон крајот на годинава.