Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат насобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура. Мој приоритет е вистинска реформа на јавните претпријатија, да им служат на граѓаните а не на партиите – порача кандидатката на СДСМ
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, најавува дека доколку ги добие изборите, нејзин приоритет ќе биде реформата на јавните градски претпријатија бидејќи, како што вели, граѓаните плаќаат, а не ги добиваат потребните услуги.

„Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособни раководства. Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат насобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура. Мој приоритет е вистинска реформа на јавните претпријатија, да им служат на граѓаните а не на партиите“,
изјави Шукова на денешната прес-конференција.
За Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“, Шукова најавува модернизација со нови екоавтобуси, електронски систем за наплата и брз автобуски транзит со цел да се воспостави функционален јавен превоз.
Понатаму, најавува ревитализирање на ЈП „Комунална хигиена“ со современ центар за селекција и рециклажа на отпад, редовно собирање на сметот и конечно решавање на проблемот со депонијата во Вардариште.
„Во ‘Паркови и зеленило’ се отвора нова ера – 10 000 дрва и 15 нови паркови за 15 месеци, со редовно одржување и враќање на зелените површини во маалата. ‘Водовод и канализација’ се насочува кон стабилно снабдување модерна опрема и намалени загуби на вода. ЈП ‘Лајка’ се надградува во вистински хуман систем за згрижување и грижа за уличните животни“,
рече Шукова, додавајќи дека е време институциите да им служат на граѓаните, а не на партиите.