На прашањето за средставата што се отпишани како застарени, Шукова рече дека како такви тие не можат да се наплатат. Како застарени се отпишани 492 милиони евра
Новата министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова најави дека ќе се врши истрага зошто во буџетот на Министерството не се наплатени 153 милиони евра од носителите на А-интегрирана дозвола, а 492 милиони евра се отпишани како застарени.

Шукова ова го истакна во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, коментирајќи го извештајот на Државниот завод за статистика во кој се нотира ваквата состојба.
„Евидентиран е недостаток со Извештајот на Државниот завод за ревизија, правиме напори да го надминеме за да немаме вакви состојби и во иднина, а тоа значи дека ќе направиме контрола прво на сите издадени решенија, на сите што треба да се издадат, особено во однос на А-интегрираните дозволи. Во однос на надоместоците преземаме сериозна акција за да се воспостави еден систем на контрола. Најверојатно ќе биде некое софтверско решение во кое точно ќе знаеме влез и излез, направено и ненаправено за да можеме да знаеме кој правилно работи, а кој греши“,
изјави министерката.
Во Министерството за животна средина и просторно планирање, како што кажа таа, е направена работна група која ќе ги издвои сите надоместоци за животна средина на едно место, ќе ги евидентира и ќе најде механизам за проверка дали надоместоците се соодветно платени во централниот буџет.
На прашањето за средставата што се отпишани како застарени, Шукова рече дека како такви тие не можат да се наплатат.
„Тоа е застарено и не можете да го наплатите. Таму каде што имаме доцнење и каде што сè уште имаме временска рамка соодветна да ги направиме, ќе ги направиме решенијата за а-интегрираните дозволи“,
рече министерката за животна средина и просторно планирање.