Шукова најави воведување паметни паркинзи со дигитална наплата и зони на периферијата поврзани со јавен превоз, со информации во реално време

Кандидатките за градоначалнички од СДСМ, Каја Шукова за Град Скопје и Маја Мојсова за Општина Карпош, денеска ги претставија своите планови за системско решавање на еден од најголемите проблеми во Скопје – паркирањето и неконтролираната урбанизација. Двете кандидатки нагласија дека овој проблем е клучен за квалитетот на живот на скопјани.
На прес-конференција на платото пред Млечен ресторан во Карпош, Шукова истакна дека паркинг-хаосот не е само технички, туку и суштински проблем што го нарушува достоинството на граѓаните.
„Сите знаеме како изгледа да кружиме околу зградата по работниот ден, барајќи слободно место. Затоа во нашата програма, паркирањето и урбанизмот се врвен приоритет“,
рече Шукова.
Шукова најави воведување паметни паркинзи со дигитална наплата и зони на периферијата поврзани со јавен превоз, со информации во реално време.
Клучни мерки што ги најави Шукова се субвенциониран паркинг за семејства со ниски приходи, пензионери, млади невработени и лица со попреченост и задолжително предвидување на паркинг, зелени површини и простор за пешаци како предуслов за секој нов урбанистички проект.
Шукова најави и транспарентен урбанизам со достапни планови онлајн и можност за јавни предлози, нов, строг и еколошки Генерален урбанистички план и изработка на стратегијата „Скопје 2050“ како долгорочна визија за паметен и одржлив град.
„Не може веќе да се бориме со овој хаос. Скопје заслужува многу подобро“,
додаде Шукова.
Мојсова, кандидатка за градоначалник на Карпош, рече дека како нејзино поранешно маало, каде секогаш имало паркинг-место, денеска на платото пред Млечен и нејзе ѝ било потребно половина час да најде паркинг. Таа вети дека Карпош мора да стане самоодржлива општина.
Локалните решенија што ги најави Мојсова се прецизно исцртување на сите паркинг-места и фер стопанисување, субвенционирање на паркингот за жителите на Карпош, со наплата за посетителите по принципот на ПОЦ.
Според неа, проблемот со паркирањето е директно поврзано со неконтролирана урбанизација, за која рече дека од советниците од СДСМ била стопирана и не дозволувале изградба затоа што, како што рече, тоа значи повеќе гужва, а помалку простор.
Мојсова истакна дека граѓаните на Карпош треба да имаат приоритет и да се враќаат дома без нервози, посочувајќи дека општината е под голем притисок бидејќи се граничи со Центар, каде паркингот е бесплатен.
„Урбанизацијата А2 нема да се случува веќе во овој предел, но размислуваме за монтажна гаража која ќе го намали притисокот – и за жителите, и за посетителите“,
кажа Мојсова.
Двете кандидатки се обврзаа на системски пристап, транспарентност и долгорочни решенија со цел да се врати редот во урбаното живеење и да се подобри секојдневието на граѓаните.