Во интервјуто Шукова се осврна на трите најгорливи проблеми со кои секојдневно се соочуваат скопјани – јавниот превоз, чистотата и водоснабдувањето

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска во гостувањето на Сител ги негираше тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека била врзана во бизнис-кругот на Зоран Заев и Венко Филипче додека биле на власт и оти наводно поради тоа не можела да одбие кандидатура и морала да прифати да губи.
„Дегутантно е да се коментираат тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, особено земајќи предвид кои беа надлежностите на Министерството за животна средина, јас и како државен секретар и како министер имав редовни постапки кои се спроведуваат согласно закон и секаква поврзаност со Заев или некои други е апсолутно невистина“,
рече Шукова.
На прашањето зошто решила да влезе во трка за градоначалник на Град Скопје, Шукова рече дека имало многу причини.
„Градот е навистина во очајна состојба, ако како личност чувствувате и професионален и секаков друг капацитет да помогнам пред сѐ на Градот Скопје и мислам треба храбро да се влезе во битка. Мислам дека и јас и СДСМ имаме што да понудиме на Градот Скопје“,
рече Шукова.
Во интервјуто Шукова се осврна на трите најгорливи проблеми со кои секојдневно се соочуваат скопјани – јавниот превоз, чистотата и водоснабдувањето.
Таа потенцира дека состојбата со јавниот превоз е неприфатлива и дека граѓаните секојдневно трпат, возејќи се во автобуси без основни услови, дури и во најтоплите денови.
„Секој граѓанин заслужува безбеден јавен превоз, безбедно да стигне на своето работно место, безбедно да стигне нашето дете во училиште. Ние го разгледуваме сериозно уште еднаш брзиот систем, т. е. БРТ-системот. Можеби тој систем треба да претрпи мали модификации, ќе го разгледаме уште еднаш и мислам дека е добар модел за градот Скопје. И секако се потребни и еколошките автобуси. Граѓаните не заслужуваат ваков јавен превоз, особено не на овие горештини, мора да се направи под итно нешто“,
рече Шукова.
Говорејќи за приоритетите што му се потребни на главниот град, Шукова посочи дека во моментов сериозен проблем во Скопје е водоснабдувањето, за што делумно причина се климатските промени, но и дивите приклучоци.
Запрашана за противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, Шукова посочи дека таа како министер соработувала со него.
„Јас со него сум имала соработка, позната сум како министер кој имал соработка со сите градоначалници, без разлика на нивната политичка припадност, тоа го знаат градоначалниците за кои цело време бев достапна и секогаш спремна да ги решам нивините проблеми, јас нема да водам таква кампања како ВМРО-ДПМНЕ, јас ќе им посочам на граѓаните што знам и што можам“,
истакна Шукова.