„Со ова ветување Ѓорѓиевски само потврдува дека или свесно манипулира или воопшто не знае што зборува, што го прави целосно неспособен и некомпетентен за функцијата што ја бара од скопјани“, вели Шукова

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, го критикува нејзиниот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за манипулација и некомпетентност поради неговото ветување да изгради „парк“ на локацијата „Вардариште“.
Според Шукова, ветувањето е целосно неосновано бидејќи „Вардариште“ е најзагадената точка во градот, со над два милиони кубни метри отпад. Таа истакна дека процесот на санација и деконтаминација на земјиштето би траел со години, што го прави невозможно да се зборува за изградба на парк во скоро време.
„Со ова ветување Ѓорѓиевски само потврдува дека или свесно манипулира или воопшто не знае што зборува, што го прави целосно неспособен и некомпетентен за функцијата што ја бара од скопјани“,
вели Шукова.
Таа посочи дека постојат и правни и технички пречки за каква било интервенција на теренот.
Според неа, во моментов е во тек арбитражна постапка во Париз поврзана со проектот „Скопски колектор“ што поминува низ „Вардариште“ и додека не заврши постапката, не е дозволено менување на намената на просторот.
Шукова, исто така, нагласува дека постои стручен план, изработен со поддршка од ЕУ уште во 2017 година, според кој „Вардариште“ треба да биде локација за современа претоварна станица за отпад.
„Тоа е единствениот стручен и легитимен план. И јас стојам зад тој план“,
додаде Шукова.
Таа објаснува и дека во моментов е во тек и јавна набавка за поддршка на целиот регионален систем за управување со отпад во Скопскиот регион.
„Секој обид за политичка интервенција на ’Вардариште’ пред завршување на оваа постапка е опасен, штетен и спротивен на сите законски и еколошки норми“,
додава Шукова.
Таа го повика Ѓорѓиевски да престане со ширење неосновани фантазии и да одговори за четиригодишната неспособност на неговата партија додека беа на власт во Град Скопје.
„Ѓорѓиевски не нуди решение. Тој нуди изборна измама. ’Вардариште’, што ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска го оставија да гори и да труе, сега се користи за предизборен маркетинг. Но, скопјани веќе еднаш беа излажани со 150 автобуси, мега паркови и слични бајки. Време е за сериозен, стручен и државнички пристап“,
вели Шукова.
Реакцијата на Шукова доаѓа откако вчера кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски преку неговиот фејсбук-профил најави дека „Вардариште ќе биде минато“.
Тој вели дека заедно со неговите колеги од општините Гази Баба и Аеродром, Бобан Стефковски и Дејан Митески, ја посетиле депонијата „Вардариште“ за која вели дека е вистински извор на зарази и децениска мака на скопјани.
„Уште од октомври започнуваме со темелен процес за правилен третман на отпадот, целосно чистење и уредување на просторот. На ова место ќе никне еден од најголемите паркови во Скопје, зелена оаза и новите бели дробови на нашиот град од над 300 илјади квадратни метри“,
вели тој.
Ѓорѓиевски, покрај паркот, најави дека на оваа локација ќе се направи и нов мост што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, а вели дека ќе има проширување и на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници „Лајка“.
Инаку, поради пожарот што во неделата попладне ја зафати депонијата во „Вардариште“, екипите на Електродистрибуција превентивно го исклучија далноводот што ги снабдува трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“, поради што жителите на скопските населби Аеродором и Ново Лисиче повеќе од три часа немаа струја.