Приватните специјализанти велат дека се незадоволни од владината одлука оти ниту едно од нивните барање не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаат слушнато веќе неколкупати

Приватните специјализанти, незадоволни од вчерашната одлука од владината седница, денеска го продолжија штрајкот што го почнаа пред два дена.
Во текот на вчерашниот ден приватните специјализанти најавија дека понатамошните чекори што ќе ги преземат зависат од одлуката која се очекуваше да ја донесе владата на седница.
Синоќа, по завршувањето на владината седница, приватните специјализанти на Фејсбук објавија дека штрајкот ќе продолжи и денеска затоа што, како што велат, ниту едно од нивните барање не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаат слушнато веќе неколкупати.
„Ниту владата ниту Министерството не побараа мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата и Државната изборна комисија, дали може да се исполни некое од нашите барања , како што и на самата средба беше предложено од наша страна. Што значи дека во моментов нема желба од нивна страна за решавање на нашите проблеми“,
се вели во објавата на Фејсбук на Здружение на лекари специјализанти – ЗЛС.
Оттаму најавуваат дека ќе имаат координација и оти за следните чекори што ќе бидат преземени навремено ќе информираат.
Штрајкот на приватните специјализанти продолжи и покрај одлуката на владата од вчерашната седница веднаш по изборите да се подготват предлог законски решенија со кои ќе се предвидат севкупните права и одговорности на специјализантите по медицина кои со сопствени средства ја плаќаат специлизацијата.
Владата, како што се додава, во активна соработка со специјализнатите, досега покажала огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и оти е одлучна да продолжи во оваа насока.
Приватните специјализанти ги повторија нивните барања за покачување на надоместокот кој во моментов изнесува 26 илјади денари и бараат тој да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа. Исто така, бараат здравствено осигурување и решавање на нивниот статус кој во моментов, како што рекоа, е невработени лица без здравствено и пензиско осигурување со договор на дело.
На првиот ден од штрајкот приватните специјализанти најавија де тој ќе биде прекинат само ако добијат писмена гаранција и доколку одлуката помине на седница на Влада дека по 8 мај ќе им бидат остварени барањата.
Штрајкот на приватните специјализанти значи дека тие воопшто не ги извршуваат работните обврски, не се појавуваат на дежурства и во амбулантите, односно станува збор за целосно бојкотирање на работниот процес.
Министерот за здравство Илир Демири на првиот ден од штрајкот кажа дека ги поддржува барањата на приватните специјализанти за зголемување на надоместокот што го земаат месечно, како и за тоа дека треба да добијат здравствено осигурување, но, сепак, од нив побара трпение да поминат изборите, па потоа да ги решаваат проблемите.
Демири за штрајкот рече и дека има политичка заднина, за што вчера доби одговор од приватните специјализанти оти тие немаат книшка од ниту една политичка партија.