Возачите на брзата помош ќе им се придружат на медицинските сестри, железничкиот персонал, службениците за пасошка контрола и поштенските работници, кои сите заедно планираат да штрајкуваат во наредните недели
Илјадници вработени во Брзата помош во Британија најавија штрајк за денеска, откако синдикатите и владата не постигнаа договор за зголемување на платите. Синдикатите бараат зголемувањето на платите да биде во чекор со инфлацијата, која во ноември изнесуваше 10,7 отсто, додека британската конзервативна влада возвраќа дека двоцифрено зголемување на платите дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и нуди пораст од околу четири отсто.
Министерот за здравство Стив Баркли во вторникот попладне се сретна со претставници на синдикатот, без договор за откажување на најавениот штрајк. Синдикатот ГМБ тврди дека платите во британскиот јавен здравствен сектор се намалени за 17 отсто реално од 2010 година, додека побарувачката за амбулантни возила е зголемена за 77 отсто.
Возачите на брзата помош ќе им се придружат на медицинските сестри, железничкиот персонал, службениците за пасошка контрола и поштенските работници, кои сите заедно планираат да штрајкуваат во наредните недели.
Владата смета на јавното мислење за да се сврти против синдикатите бидејќи луѓето ширум Британија се соочуваат со одложени термини за болници, откажани возови и одложени патувања среде празничната сезона. Но, анкетите покажуваат дека има високо ниво на поддршка за работниците, особено за медицинските сестри, чии штрајкови низ Англија, Велс и Северна Ирска се први во 100-годишната историја на нивниот синдикат.
Болничарите и екипите на брзата помош велат дека ќе продолжат да одговараат на итните повици за време на штрајкот.
Министерството за здравство ги повика Британците внимателно да размислат за контактните спортови и да избегнуваат замрзнати патишта за време на штрајкот на брзата помош. Армијата е ставена на готовност да го преземе управувањето со возилата на брзата помош, но војниците нема да ги имаат истите овластувања како работниците на Брзата помош.