Лидерите на земјите од Западен Балкан, на денешниот Самит во Софија во рамките на Берлинскиот процес потпишаа две декларации – за заедничкиот регионален пазар за подлабока регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ и за зелената агенда.

Во Декларација за заедничкиот регионален пазар, обединувачката заложба е трансформацијата на регионот во согласност со правилата и стандардите на ЕУ, а со цел да се зајакне конкурентноста на регионот за да се приближиме до стандардите на единствениот пазар на ЕУ. За оваа на Самитот во Софија е донесен и акциски план со конкретни чекори кои на регионалниот пазар ќе му обезбедат да се интегрира во синџирите на европскиот и светскиот пазар.
Во поддршка на реализацијата на оваа цел клучна улога има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан за проекти во производните сектори и одржливата инфраструктура, како неопходен придонес за да се дефинира заедничката иднина на регионот во ЕУ за просперитет на граѓаните и компаниите, кои се залагаат да ги уживаат истите слободи како компаниите и граѓаните во Европската Унија.

Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.
Декларацијата на која се обврзаа лидерите од регионот предвидува и намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан, како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.
Оваа декларација го опфаќа и земјоделството за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување на здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари.

Со оваа декларација земјите од Западен Балкан ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на екосистемите и биолошки диверзитет, за што се предлагаат серија активности.
На крајот е усвоен и документот „Заклучоци на кодомаќините“ во кој, меѓу другото, на двете земји копретседавачи им се оддава високо признание за спроведувањето и организацијата на сите настани во текот на оваа година во која првпат со процесот управуваа две земји, една членка на ЕУ и една земја кандидат за членство.
Во прифатените „Заклучоци на кодомаќините“ сите лидери на Самитот, земјите од Западен Балкан и нивните партнери од ЕУ, се согласија дека идејата за заедничко домаќинство, која првпат е применета во рамките на Берлинскиот процес претставува јасен сигнал за зајакнатата регионална сопственост на процесот и дополнително ги зајакнува напорите насочени за политичка и социо-економска конвергенција и кохезија на земјите од регионот и на регионот во целина со ЕУ.