Кралицата, која има 95 години, се чини дека е во добра здравствена состојба и нема индикации дека овие планови биле ревидирани, но во најновите документи изработени од владината канцеларија е содржана и дискусија за пандемијата предизвикана од ковид-19
Планот на британската влада за тоа што ќе се случи во деновите по смртта на кралицата Елизабета, позната како операција „Лондонски мост“, конечно стана достапен за јавноста.
Со години се објавуваа извадоци од тој „таен план“, а сега весникот „Политико“ доби серија документи кои детално наведуваат како ќе реагира Велика Британија кога ќе дојде тој ден.
Кралицата, која има 95 години, се чини дека е во добра здравствена состојба и нема индикации дека овие планови биле ревидирани, но во најновите документи изработени од владината канцеларија е содржана и дискусија за пандемијата предизвикана од ковид-19.
Документите, всушност, укажуваат на извонредно ниво на подготвеност што се бара од сите државни чинители, предвидувајќи обемна безбедносна операција за управување со големите маси и хаосот што може да настане, се вели во официјалното писмо. Тоа е детален 10-дневен план за периодот помеѓу смртта на кралицата и нејзиниот погреб.
Имено, во првите неколку часа по смртта на кралицата, ќе има многубројни пораки кога премиерот, секретарот на владата и највисоките министри и функционери ќе бидат известени за смртта на кралицата. Внатрешно, тој ден ќе се вика „ден Д“, а секој нареден ден пред погребот ќе се вика „Д+1“, „Д+2“…
Кралското семејство ќе издаде „официјално известување“, со што ќе ја објави веста во јавноста.
По добивањето на оваа информација, знамињата низ Вајтхол ќе бидат спуштени на половина копје, а целта е тоа да се направи во рок од десет минути. Во деновите пред погребот, новиот крал Чарлс ќе отпатува во Обединетото Кралство за да прими и да изрази сочувство. Погребот е закажан десеттиот ден по смртта на кралицата во Вестминстерската катедрала во Лондон.