Угостителите, фитнес-центрите, естрадните уметници, туристичките агенции, медиумите се дел опфатените со шестиот пакет антикризни мерки кои денеска беше усвоен од Владата
Шестиот пакет антикризни економски мерки е вреден 17,8 милиони евра и е наменет за поддршка на дејностите кои во текот на овој месец (април 2021) се целосно затворени, но и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат во текот на оваа година, соопштија од Владата по одржаната седница на која пакетот е усвоен.
Тој опфаќа речиси 10 000 компании во кои се вработени околу 60 000 лица.

Поддршка за медиумите и за фирмите кои ја реинвестирале ланската добивка
Првата кредитна линија наведена во владиното соопштение, е за поддршката на медиумите. Кредитната линија ќе формира за да се поддржи ликвидноста и ќе изнесува 61 500 000 денари, а каматната стапка за кредитите ќе биде 0%. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55 компании од медиумската индустрија.
Втората мерка ќе се однесува за оние фирми кои ја реинвестирале ланската добивка. Тие ќе бидат поддржани на тој начин што ќе добијат субвенции на каматните стапки.
„Мерката е за поддршка на ликвидност на 2 600 компании во вкупна висина од 123 000 000 денари за деловни субјекти кои оствариле и ја ре-инвестирале добивката за 2020 година и таа ќе се реализира со субвенционирање на каматни стапки по основ на одобрени кредити за ликвидност и обртни средства од деловните банки со максимален износ до 10% од остварената добивка на деловните субјекти во 2020 година“,
објаснуваат од Владата.
Што се предвидува за угостителите, игротеките, фитнес-центрите, рестораните за свадби …
Според владиното соопштение, следната мерка ќе се однесува на угостителите. Со неа треба да бидат опфатени околу 6 000 компании во кои се вработени околу 17 000 лица.
Основ за пресметување на поддршката ќе бидат просечните месечни приходи од 2019 и 2020 година.
„На нив ќе се аплицира месечен износ за компензација од 30%, кој ќе биде помножен со соодносот на бројот на денови колку што овие дејности се затворени“,
велат од Владата.
Ова ќе се однесува и на фирмите регистрирани по 2019 година, а просекот ќе се зема од приходите од нивното основање до декември 2020.
Компаниите од угостителската дејност ќе добијат и поддршка од 15 200 денари по вработен според бројот на ефективни работни часови.
На сличен начин ќе се поддржат и приватните детски одморалишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, фирмите за организирање настани, фитнес-центрите, фотографите и фотографските студија … Станува збор за околу 1 200 компании.
Начинот на пресметување на поддршката што ќе ја добијат е ист, само што за нив како основ ќе се земат просечните месечни приходи од 2019, а не и од 2020.
Туристичките агенции ќе добијат 3-5 000 евра, поддршка и за водачите и естрадните уметници
Шестиот пакет на мерки, како што најавија од Владата, ќе се однесува и на околу 300 туристичките агенции за кои се издвојуваат 86 100 000 денари. Агенциите кои работат до А лиценца ќе добијат по 5 000 евра, а оние со Б лиценца по 3 000 евра.
Околу 110 туристички водичи, пак, ќе бидат опфатени во мерка заедно со786 естрадни музичари, членови на еснафски здруженија на музичари, како и сите физички лица на кои просечниот месечен нето-приход бил под 15 000 денари.
Последната мерка, како што веќе е познато, се однесува на бесплатни ковид-тестови за странските туристи.
„Станува збор за 50 000 тестови вредни 30 750 000 денари за бесплатно тестирање на странски туристи со цел да ги запазат здравствените протоколи во државата како гаранција за туристите кои ќе ја посетат нашата држава дека без дополнителни трошоци ќе бидат спремни да се вратат во земјата од каде доаѓаат или да го продолжат своето патување во друга земја“,
објаснуваат од Владата.