Неофицијално, имаме информации што се наоѓа во сефот, така што тоа ќе оди по меѓународна правна помош и набрзо сето тоа ќе се донесе во државата, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“

Отворен е сефот во Србија на бизнисменот Борче Марковски, осомничен и притворен поради злоупотреби поврзани со РЕК „Битола“, објави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Во интервју за „360 степени“, Коцевски вели дека во моментот не може да соопшти што точно е пронајдено внатре.
За потсетување, Обвинителството во рамките на предметот против Марковски и неговата „Марковски компани“, меѓу другото, бараше српските власти да обезбедат и отворат сеф, што според истражните органи во земјава, осомничениот македонски бизнисмен го поседувал во една српска банка.
Коцевски: Сефот се отвори. Имаме неофицијални информации и чекаме тие докази да се донесат во државава.
360°: Има ли содржина во сефот или бил празен?
Коцевски: Секако дека има и тоа е во интерес на Обвинителството, и наскоро ќе излеземе и со изјава, меѓутоа откако сето тоа ќе го прибавиме, односно ќе го донесеме во државата.
360°: Имаше ли и пари?
Коцевски: Во моментов не можам да кажам, се работи за сеф за којшто, неофицијално, имаме што се наоѓа во него, како се наоѓа, така што тоа ќе оди по меѓународна правна помош и набрзо сето тоа ќе се донесе во државата и сметам дека можеби околу Нова година ќе има јавнообвинителска одлука.
Освен сефот, српските власти, на барање на Основното јавно обвинителство Битола, наредиле замрзнување имот на фирма во Белград поврзана со македонскиот бизнисмен.
Според Јавното обвинителство на РСМ, имотот што ОЈО Битола побарало да биде замрзнат од надлежните органи во Србија вклучува 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за фирма со седиште во Белград, за која е утврдено дека „има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК ’Битола’“.
Основното јавно обвинителство Битола на 9 октомври отвори истрага против бизнисменот Борче Марковски и уште седум други лица поради основани сомненија дека тие како група сториле кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Меѓу другите осомничени, еден е вработен во „Марковски компани“, додека другите се поранешни раководители во Комбинатот. Меѓу нив е поранешниот директор во РЕК „Битола“, Пеце Матевски, кој веќе е обвинет во предметот „Адитив“, исто така за злоупотреби за кои се води судски процес.
Тие се товарат дека опремата што „Марковски компани“ требало да ја дислоцира, според рударскиот проект за експлоатација на рудникот за кој била наменета, воопшто не била предвидена.
Битолското обвинителство побарало српските власти да забранат продажба и какво било располагање со товарните возила, бидејќи постои сомневање дека тие биле набавени од кривичните дела за кои е отворена истрага во земјава.
