„На крајот ќе излезе дека обвинетите сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието да кршат и да тепаат, но дека тоа не е можно им е јасно на сите, и на осудените кои издржуваат затворски казни. Некој ги организирал за да влезат во Собранието, инаку тоа не може да се случи. Некој ќе каже дека случајот со организаторите за настаните во Собранието паднал, па сега треба да се ревидира и другиот предмет со осудени лица за настаните во Собранието, но тоа не е така. Напротив, предметот ниту падна, ниту се докажа дека настаните во Собранието не се организирани, туку се побара милост од државата за овие настани“, рече судијата пред да ја соопшти одлуката
За дел од адвокатите на обвинетите, одлуката што денеска ја донесе Судот е единствената можна одлука бидејќи уште на почетокот на судскиот процес тврделе дека тој е политички монтиран за да се ослободат вистинските организатори на настаните
„Главната расправа заврши, можете да одите, слободни сте.“ Со овие зборови судијата Илија Трпков го заврши денешното рочиште на кое ја соопшти одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да го прифати барањето и да ги ослободи од натамошно гонење четворицата обвинети во случајот „Организатори на 27 април“.
Слободни, судницата 1 во Кривичен ја напуштија поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кои изминатите шест години беа на обвинителна клупа и им се судеше дека ги организирале настаните од 27 април 2017 година кога толпа граѓани влегоа, кршеа и тепаа пратеници во законодавниот дом. Овој настан во медиумските канали остана запаметен како „крвавиот четврток“.
„Судот донесе решение. Барањето за примена на амнестија поднесено од обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка против обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасоски поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот законик“,
гласеше одлуката што ја соопшти претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Трпков: Лично сметав дека обвинетите ќе одат до крај да докажат дека не се виновни
Но пред да ја соопшти одлуката, судијата Трпков имаше подолго излагање со забелешки и видувања во однос на самите настани од 27 април, осудените за нив, за судскиот процес што го водеше тој, кој заврши со амнестија на обвинетите врз основа на Законот за амнестија од 20 декември 2018 година.
На двата големи екрани во судницата додека говореше судијата, беа прикажани снимки од упадот на толпата во законодавниот дом и случувањата во него.
„Одлучив да презентирам моменти од 27 април (2017 г.). Ова не е лепено, ниту сечено, ниту монтирано. Ова е неспорен факт и никој не може да каже дека не било така… Уривањето на Собранието е уривање на државата… Лично и како (судечки) совет сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат, но во Законот за амнестија, во одредбите од член 1, став 3 има еден сврзник ‘или’ и едно ‘а’, според кои Апелацискиот суд и Јавното обвинителство сметаат дека обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски и Миле Јанакиески не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“,
рече судијата Трпков.
На крајот, како што кажа во своето излагање, „ќе излезе дека обвинетите сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието да кршат и да тепаат, но дека тоа не е можно, додаде судијата, им е јасно на сите, и на осудените кои издржуваат затворски казни за настаните.
„Некој ги организирал за да влезат во Собранието, инаку тоа не може да се случи. Не може да се случи да се пробие кордон полиција на обичен кошаркарски натпревар, а не, пак, полициски кордон пред Собранието, пред кое повеќе денови се протестираше и полицијата беше подготвена за интервенција. Некој ќе каже дека случајот со организаторите на настаните во Собранието паднал, па сега треба да се ревидира и другиот предмет со осудени лица за настаните во Собранието, но тоа не е така. Напротив, предметот ниту падна, ниту се докажа дека настаните во Собранието не се организирани, туку се побара милост од државата за овие настани“,
кажа судијата.
Тој додаде оти лично сметал дека обвинетите ќе одат до крај да докажат дека немаат вина во овој случај, но она за што се одлучиле, рече дека е нивно право и „никој во тоа не смее да се меша и никој не смее да влијае врз нив“.
За лицата кои се осудени за овие настани и издржуваат затворски казни, Трпков рече дека некои ги нарекуваат патриоти, ги тапкаат по рамо и „им кажуваат разни приказни“. Рече дека овие луѓе сигурно се патриоти, но во контекст на настаните во Собранието во никој случај не може да се каже дека постапиле патриотски.
„Законите ги прави законодавната власт. Притоа на целокупната македонска јавност јасно и очигледно ѝ е во кој правец се носат законите и како се толкуваат. На македонската јавност сосема ѝ е јасно на кого се помага со законите и во чија полза тие се толкуваат. Сигурно не се толкуваат во полза на оние осудени лица за настаните во Собранието кои се наоѓаат во македонските затвори… Да се кажува за некој дека е патриот, да влезе во сопствениот дом, да крши и да го тепа семејството е надвор од секаков разум. Таквото постапување не е патриотско. Најголем дел од овие осудени лица сигурен сум дека ја сакаат Македонија, но во конкретниот случај тие не се патриоти, туку се лица кои од некого се искористени и изманипулирани за искривени политички цели. Сигурен сум дека оваа одлука која следи, кај нив ќе побуди различни емоции и чувства. Истото го чувствувам и јас и овој совет тука, но за конкретните настани во Собранието. За кривичните дела кои се случија таму наведнете ја главата и побарајте прошка од државата, како што овие обвинети тука побараа. Немојте само да дозволите некој да се крие зад судски одлуки и повторно да ве манипулира. Тоа не носи добро на целокупната слика на државата. Македонската држава се сака со разум, со работа и со почитување на институциите“,
рече судијата Трпков.
МВР за време на упадот во Собранието беше под контрола на СДС и ДУИ, вели адвокатот Апостолски
За дел од адвокатите на обвинетите, одлуката што денеска ја донесе Основниот кривичен суд Скопје е единствената можна одлука бидејќи уште на почетокот на судскиот процес тврделе дека тој е политички монтиран за да се ослободат вистинските организатори на настаните.
Ова го изјави адвокатот Јордан Апостолски, кој го повика Јавното обвинителството „вистински да истражи кои се организаторите“.
„После шест години куќни притвори, притвори, понижувачко однесување, овој суд ја донесе единствената можна одлука, а тоа е да ги ослободи и да ги амнестира обвинетите. Уште на почетокот на овој процес тврдевме дека се работи за политички монтиран процес се со цел да бидат ослободени вистинските организатори на настаните, а од изведените докази се покажа дека овие лица немаат никаква инволвираност во настаните од 27 април. Настаните од 27 април се навистина тешко дело против државата, но и тогаш и сега го повикуваме јавниот обвинител вистински да истражи кои се организаторите“,
рече Апостолски.
Одговарајќи на новинарско прашање кои се вистинските организатори, тој изјави дека според нив и според изведените докази може да се утврди дека „тоа време, во тие настани Министерството за внатрешни работи не си ја изврши својата задача“.
„Тоа Министерство тогаш беше под влијание и под контрола на коалицијата СДС и ДУИ, а технички министер беше Оливер Спасовски“,
рече адвокатот.
На новинарска забелешка дека Спасовски тогаш не беше министер за внатрешни и оти според неговата изјава излегува дека СДСМ сама си ги тепала своите пратеници, Апостолски рече дека заменик-министерот за внатрешни работи тогаш бил од ДУИ и оти треба да се испита односот на сите партии.
„Не, само сакам да кажам дека Министерството за внатрешни работи во тогашното време не си ја исполни својата задача. Јас само сакам да кажам какви беа доказите изведени, дека нашите обвинети немаат никаква вина и доприна точка. Да се вратиме на доказите и на тоа што судот може да го утврди“,
рече Апостолски.
Инаку, во времето кога се случи упадот во Собранието, на чело на МВР беше Агим Нухиу, а директорот на Бирото за јавна безбедност беше Митко Чавков, кој потоа беше осуден на највисока казна за 27 април, која сè уште ја издржува.
Кој сè доби амнестија со Законот од 2018 година
Основниот кривичен суд Скопје досега во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе, а ситуацијата дополнително доби друг тек откако ОЈО ГОКК во декември лани даде позитивно мислење. Иако, ОЈО ГОКК даде позитивно мислење само во однос на Вељаноски, Јанакиески и Ристоски, но не и за Атанасовски, судот одлучи сите четворица да бидат амнестирани од натамошно гонење.
Ваквата разврска, додека на четворицата обвинети по втор пат им се судеше за делото, откако скопска Апелација на почетокот на април 2023 година ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор.
Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација наведе дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.
Во предметот „27 април“, пак, за насилниот упад во Собранието правосилно се осудени 16 лица, а дополнително беа опфатени уште 15 кои добија амнестија врз основа на законот од декември 2018, на кој се повика и сега ослободените Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски.
Меѓу амнестираните тогаш беа поранешните пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која беше потврдена од Апелација.
Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски