Според министерот за правда, посоодветно е да се овозможи верификација на идентитетот на гласачите како и досега, иако, како што рече, верува дека опремата ќе стигне навреме
Нема простор за одложување на локалните избори. Посоодветно е да се направат законски измени, изјави вчерва министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостување на ТВ 21, одговарајќи на прашање во врска со динамиката на доставување на терминалите за отпечатоци, кои е планирано првпат да се употребат во овој изборен циклус.
Според Маричиќ, посоодветно е да се овозможи верификација на идентитетот на гласачите како и досега, иако, како што рече, верува дека опремата ќе стигне навреме.
„Всушност, го предвидовме и стариот начин на идентификација на гласачи, но онаму каде што ќе нема техничка можност да се користи фингерпринтот. Односно, веќе оставивме алтернатива. Ние на време направивме измени на Изборниот законик и обезбедивме средства како Влада, а сега се е во рацете на ДИК. Мислам дека е можно да се имплементира системот до почетокот на изборите. Ако не, ќе треба да се направи промена во методологијата на идентификација на гласачите“,
нагласи Маричиќ.

Според него, изборите не треба да се одложат, бидејќи така ќе бидат продолжени мандатите на градоначалниците, иако досега сме имале и такви искуства.
„Државата е подготвена за фер и демократски избори. Во последните четири години имаме успешна слика за тоа како организираме избори“,
заклучи Маричиќ.
Попладнево во ДИК пристигнаа првите 200 терминали за читање отпечатоци од германската компанија „Дермалог“. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, очекува дека, и покрај тоа што претходно не е спроведена пилот-програма во неколку општини, сè да помине добро и да нема проблеми на изборниот ден.
Денешните 200 терминали ќе се користат за обуки на членовите во избирачките одбори, а во меѓувреме треба да пристигнат и другите терминали, софтверот и останати материјали. Германската компанија треба да испорача вкупно 4 000 уреди. Тие треба да пристигнат во четири пратки од по 950 во наредните четири недели.