Клиничката болница од Штип до утре треба да постапи по налогот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) за утврдување евентуална одговорност во случајот со починатата пациентка од Берово.
На директорот на болницата му било наложено да ја свика Комисијата за квалитет на работа и да го преиспита целокупното лекување, како и постапките во однос на пациентката.
Директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, вели дека во моментот кога е извршен надзор во болницата, констатирано е дека на Инфективното одделение биле хоспитализирани 56 пациенти за кои грижа водат два тима доктори и медицински сестри кои работат по 12 часа. Во секоја смена биле ангажирани тројца лекари, од кои еден инфектолог и двајца со сродна специјалност, додека од средномедицинскиот кадар во една смена имало четири сестри, од кои најмалку две од матичното Инфективно одделение.
Констатирано е и дека постои телефонски број што стои во работната соба, а бројот е истакнат во секоја од собите на болните и служи за комуникација меѓу пациентите и медицинскиот персонал.
„Наложивме директорот на Клиничката болница Штип итно да ја свика Комисијата за квалитет на работа и да го преиспита целокупното лекување, како и постапките во однос на спомнатата пациентка. Во рок од три дена раководното лице на болницата треба да го информира ДСЗИ за конкретните наоди, а потоа Инспекторатот ќе иницира вонреден стручен надзор. Моментно тече законскиот рок од три дена со кој ДСЗИ со решение го задолжи директорот да постапи по мерките во решението. Утре истекува третиот ден, по што, ако не се постапи, Инспекторатот ќе изврши надзор за констатирање непостапување по решение“,
објасни Сотирова-Бухова на прес-конференција.
Случајот со 41-годишната пациентка од Берово која почина на Инфективното одделение во Клиничка болница – Штип го обелодени нејзината ќерка објавувајќи фотографии на социјалните медиуми од мобилниот телефон на нејзината мајка кои покажуваат дека безуспешно барала помош и кислород од сестрите и докторите.
