Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, денеска соопшти дека на една недела ќе биде затворена една фабрика за конфекција откако шест работнички се дијагностицирани со коронавирус.
„Разговарав со сопственикот на конфекцијата, но и со сите инспекциски служби и ме информираа дека таму е извршен инспекциски увид, надзор и контрола и е констатирано дека не се прекршени мерките за носење заштитна опрема. Но, сопственикот ме информираше дека на негова иницијатива ќе ја затвори компанијата од недела дена, а ако има потреба и повеќе, со цел да се испитаат сите вработени“,
изјави Бочварски.
Во Штип се регистрирани нови пет случаи на заразени со коронавирус, од кои четири се текстилни работнички од оваа штипска конфекција, во која во изминатите два дена беа регистрирани два случаи, со што во оваа фабрика вкупниот број на заболени лица е шест.
Надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип информираа дека денеска се земени девет брисеви од кои седум се поврзани со конфекцијата. Во тек е и епидемиолошка анкета за работничките од други конфекции, кои се превезувале во ист автобус со работничките од оваа штипска конфекција. Првично, станува збор за повеќе од десет лица.
Иринка Бухова, директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вели дека сите контакти на досега утврдените позитивни случаи ќе бидат ставени во изолација, но најавуваат надзор и на автобусите на другите конфекции.
„Во однос на превозните средства, ДСЗИ ќе изврши надзор во однос на хигиената во нив, обезбедени средства за дезинфекција на раце на лицата кои се превезуваат и динамика на дезинфекција на превозните средства“,
вели Бухова.
Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“, организација за заштита на правата на текстилните работнички, препорачува во фабриките да се користи годишниот одмор за да се спречи состојбата да излезе од контрола.
Вчера со препорака излезе и Центарот за јавно здравје во Штип – да се држи дистанца, да се носи заштитна опрема и редовно да се дезинфицираат автобусите и сите работни површини.
