Инвестицијата на приватната компанија на која општината ѝ отстапува простор за киносалата е околу 100 илјади евра. Билетот ќе чини 200 денари
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска соопшти дека градот по 25 години повторно добива кино. Во „зделката“ учествува и општината која отстапила простор за киносала на приватна компанија.
„Заедно со Киноверзум, направивме соработка, го отстапивме просторот на мултимедијалниот центар ‘Киро Глигоров’, за да се проектираат најновите филмови. Се надевам и очекувам штипјани да го посетат ова кино, оваа киносала“,
изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Фирмата која го враќа киното во Штип е основана во 2019 година, како дел од кампуст на Славјанскиот универзитет, кажа основачот на Киноверзум, Михаела Ѓорчева. Во јануари 2023 година отвориле сала и во Велес.

„Ова е наш прв ласерски проектор со кој очекуваме врвен квалитет на слика и нормално, ги носиме најдобрите и најновите филмови во Киноверзум во Штип“
изјави Михаела Ѓорчева, основач на Киноверзум.
Според Ѓорчева, инвестицијата во Штип изнесува околу 100 илјади евра. Цената на билетите ќе биде 200 денари, а ќе има попусти за членовите.