Говорејќи на 21. Годишна конференција на Берзата, која се одржува денеска во Охрид, Штериев истакна дека 2022 година според многумина ќе биде историска од аспект на движење на економиите, а со тоа и на берзите. Цената од сите случувања, според него, ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, вели дека берзите по сè изгледа ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност, на висока инфлација и каматни стапки.
Говорејќи на 21. Годишна конференција на Берзата, која се одржува денеска во Охрид, Штериев истакна дека 2022 година според многумина ќе биде историска од аспект на движење на економиите, а со тоа и на берзите. Цената од сите случувања, според него, ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија.
„Се менуваат парадигмите за тоа што е нормала во водењето на макроекономските политики и инвестирањето. Се што во светски рамки се случи во изминативе неколку години кулминираше во инфлација што не сме ја виделе со децении. Централните банки се принудени да ги зголемуваат каматните стапки, иако до пред некое време тврдеа дека инфлацијата е транзиторна. Цената од сето ова секако ќе биде хиберниран економски раст и можна рецесија. Пазарниот сентимент набрзина се промени. Инвеститорите се загрижени, а префрлањето во побезбедни инструменти не е толку едноставно како порано во вакви ситуации. Берзите, по се судејќи, ќе функционираат во нов циклус на голема осцилаторност и висока инфлација и каматни стапки“,
рече Штериев.
Тој смета дека во наредниот период поактулен веројатно ќе стане и т.н. „stock picking“, односно внимателно избирање на поединечни акции (наместо инвестирање во широки индекси) на компании претежно од секторите логистика, суровини, енергетика, како и во обновливи извори на енергија, инфраструктура, банки, одбрана итн. Некои други сектори што беа хит повеќе години наназад, посочи Штериев, нема веќе да бидат толку атрактивни, како информатичките технологии.
Штериев посочи дека годинава нашиот индекс МБИ10 е во минус нешто над седум отсто, односно е во корелација со развиените пазари, но во помал степен. Словенија е минус 10 отсто, а Хрватска и Бугарија се со помал пад, од околу 4 до 5 отсто.
„Имаме околу 92 милиони евра вкупен промет, од кои на тргување со акции во БЕСТ отпаѓа 54 милиони. Ако ги екстраполираме овие промети на годишно ниво, доаѓаме до бројки доста послаби од последните неколку години, но сепак во некоја ‘златна средина’ за наши услови во последнава деценија“,
рече Штериев.

Посочувајќи дека останува сите заедно да видиме што ќе се случува на берзите во наредниот период – глобално, регионално и локално, првиот човек на Македонската берза вели дека се е отворено и оти прогнозите се понеблагодарни од кога било.
Резултатите на котираните компании за третиот квартал што ќе се објават до крајот на октомври кај нас ќе бидат значаен индикатор за краткорочната иднина.
Штериев потсети дека Загрепска берза (ЗСЕ) годинава стана најголем индивидуален акционер во нашата Берза со 30 отсто учество и укажа на тоа дека стратешката определба за сопственичко поврзување со поголема берза произлегува од проценката дека не може да имаме подинамичен развој во локалното окружување.
„Со години ја градиме пазарната и институционална инфраструктура и таа е поставена на многу солидни основи – потврда за ова е токму влезот на ЗСЕ. Но, сите сме свесни – ни треба квантен скок и тоа не може да го направиме сами. Да се потсетиме на најгорливото ограничување – малата понуда на пазарот: котираните компании со години се исти, пазарната капитализација на Берзата е околу 26 отсто од БДП, за разлика на пример од ЕУ, каде во просек е околу 70 отсто. Нашиот дополнителен развој треба примарно да произлезе од нови инструменти. Патем речено, заблуда е дека кај другите мали берзи има многу повеќе хартии од кај нас. Ситуацијата и на Запад и во регионот е слична со нашата – концентрацијата на топ 10 акции е секаде извонредно висока. Нашиот предизвик е како од сегашните главни 3-4 ‘блу чипа’ да дојдеме до двоцифрена бројка“,
посочи Штериев.
Со оглед на тоа што Загрепска берза како пазар е поразвиена, додаде тој, нивното искуство, нивното знаење, ќе го презентираме на нашите успешни претприемачи и компании, за некои од нив конечно да одлучат да издадат акции или други хартии од вредност. Секако, потенцираше тој „во овој воз може, ако сакаат, да влезат и државата, јавните претпријатија и единиците на локална самоуправа“.
Мора да направиме некој позначаен исчекор на овој план – инаку нема да имаме нов развој, потенцира главниот извршен директор на Македонска берза.