Причината за доцнењето на судењето, како што соопшти судијата Илија Трпков, е известувањето што Судот го добил од затворот „Скопје” дека Трајковски е хоспитализиран на Клиниката за неврологија поради здравствени проблеми. Имено, како што било наведено во известувањето, Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезориентиран, поради што со болничко возило бил пренесен во Клиничкиот центар на преглед
Наместо во 10 часот, кога беше закажан, судскиот процес против Раде Трајковски-Штекли и уште девет обвинети за трговија со дрога се очекува да почне со задоцнување од час и половина.

Причината за доцнењето, како што соопшти судијата Илија Трпков, кој го води предметот, е известувањето што Судот го добил од затворот „Скопје” дека Трајковски е хоспитализиран на Клиниката за неврологија поради здравствени проблеми. Имено, како што било наведено во известувањето, Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезориентиран, поради што со болничко возило бил пренесен во Клиничкиот центар на преглед.
„Според известувањето, обвинетиот имал напади и во текот на вчерашниот ден, а денеска бил однесен во здравствена установа”,
рече судијата Трпков.
Поради ова, тој го одложи почетокот на рочиштето за по 11 часот, со надеж дека по лекарските прегледи, Трајковски ќе биде спроведен во Основниот кривичен суд Скопје, со што би почнало судењето.
Обвинението против групата на Раде Трајковски-Штекли беше поднесено на крајот на мај годинава по истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Како што соопштија од Обвинителството на брифинг на 27 мај, тој и уште девет лица се товарат за продажба на марихуана и кокаин на територијата на Скопје. Инаку, Трајковски беше приведен на 19 јануари годинава, а следниот ден му беше одреден и 30-дневен притвор, кој му беше продолжен по поднесувањето на обвинението.
Истрагата против групата на Штекли почна со 15 осомничени, за на крајот да стигне до 17 лица. Актуелната бројка од 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме седум од осомничените се спогодија со Обвинителството и добија затворски казни од три до три години и шест месеци зависно од степенот на инволвираност во кривичните дела.
„Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4 500 до 6 000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни“,
соопштија од ОЈО ГОКК на 27 мај.
За потсетување, Трајковски изминатите две години, пред да биде уапсен, преживеа неколку обиди за негова ликвидација. Во него беше пукано во трговски центар, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница.