Обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Верица Бержетска-Крстева, рече дека одбраната на Трајковски доставила психијатриско вештачење дека тој не е способен да го следи судењето. Од судот побара да дозволи лекари што ќе ги одреди Обвинителството да го посетат Трајковски во затворот и врз основа на тоа да изготват нивно мислење за психичката состојба на обвинетиот
Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски-Штекли и уште деветмина обвинети за трговија со дрога сепак се одложи поради здравствени проблеми на првообвинетиот Штекли.

За разлика од претходно кога судијата Илија Трпков соопшти дека од затворот „Скопје” бил известен оти обвинетиот Трајковски е однесен на Клиниката за неврологија, по паузата од околу еден час тој кажа дека од затворот го известиле оти обвинетиот сè уште не е однесен во болница.
Причината за тоа, како што кажа, било што се чекал потпис од началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, да го потпише решението за полициска асистенција за спровод на Трајковски од затворот „Скопје” до Клиничкиот центар.
Судијата не даде објаснување за различните известувања во врска со хоспитализирањето на Трајковски.
Инаку, според првичното известување, обвинетиот Трајковски бил однесен на Клиниката за неврологија бидејќи утрово бил неконтактибилен и дезориентиран.
Вакви напади, како што кажа судијата, повикувајќи се на известувањето од затворот, имал и вчера.
Обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Верица Бержетска-Крстева, рече дека ќе бара подготвително рочиште бидејќи одбраната на Трајковски доставила психијатриско вештачење дека тој не е способен да го следи судењето.
Обвинителката денеска побара од Судот да дозволи лекари што ќе ги одреди Обвинителството да го посетат Трајковски во затворот и врз основа на тоа да изготват нивно мислење за психичката состојба на обвинетиот, кое на подготвително рочиште ќе го соочат со она на одбраната на Трајковски.
Судијата Трпков го прифати барањето на обвинителката и рече дека уште денес ќе испрати решение до затворот.
Освен Трајковски, на денешното рочиште не беа спроведени поголемиот дел од другите обвинети во предметот.
Следното рочиште судијата го закажа за 7 август.
Обвинението против групата на Раде Трајковски-Штекли беше поднесено на крајот на мај годинава по истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Како што соопштија од Обвинителството на брифинг на 27 мај, тој и уште девет лица се товарат за продажба на марихуана и кокаин на територијата на Скопје.
Инаку, Трајковски беше приведен на 19 јануари годинава, а следниот ден му беше одреден и 30-дневен притвор, кој му беше продолжен по поднесувањето на обвинението.
Истрагата против групата на Штекли почна со 15 осомничени, за на крајот да стигне до 17 лица. Актуелната бројка од 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме седум од осомничените се спогодија со Обвинителството и добија затворски казни од три до три години и шест месеци зависно од степенот на инволвираност во кривичните дела.
„Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на Град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот, кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни“,
соопштија од ОЈО ГОКК на 27 мај.
За потсетување, Трајковски изминатите две години, пред да биде уапсен, преживеа неколку обиди за негова ликвидација.
Во него беше пукано во трговски центар, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница.