Уставниот суд на седницата на 15 април не донесе одлука по иницијативата за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, туку побарале од ДКСК мислење за евентуален судир на интереси на судијата Дарко Костадиновски
ДКСК, како што изјави Ивановска, денеска одлучила дека во конкретниот случај судијата може да присуствува и да одлучува
Здружението „Правда за штедачи“, во кое се оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка денеска поднесе барање за неотповиклива оставка на претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бидејќи, според нив, ги пречекориле на надлежностите и овластувањата со недозволен и неовластен притисок врз уставен судија со изнесување на јавно предупредување.

Правниот застапник на Здружението, адвокатот Љупчо Кузмановски, по предавањето на барањето до ДКСК, изјави дека Комисијата без никаква потреба и без основа се вмешала во постапката пред Уставниот суд за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки.
„Но што е уште потрагично, пречекорувањето беше направено на недозволен и неовластен начин со притисок врз уставен судија поради наводен судир на интереси со што беше принуден заедно со останатите членови на Уставниот суд да поднесе барање до Комисијата за расчистување на тој случај. На тој начин не само што беше извршен притисок врз конкретниот уставен судија, туку и Комисијата изврши влијание и на Уставниот суд како институција за тој да не работи и да не одлучува по точката на дневен ред на 15 април 2021 година“,
изјави Кузмановски.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на штедачите кои беа собрани пред просториите на Комисијата денеска им порача дека за процедурата како сето тоа се случило има отворено предмет и дека нема никаков притисок кон уставните судии.

Таа објасни дека во петокот, на крајот на работното време, добиле барање од претседателот на Уставен суд, ДКСК да се изјасни дали сите уставни судии се во судир на интерес по однос на одлучувањето за поднесеното барање од штедачите од Еуростандард банка.
Тоа барање денеска е разгледано и ставот е дека со оглед на тоа што се работи за одлучување на усогласеност на закон со Устав, односно за одлучување по општ акт, сметаат дека во конкретниот случај судијата може да присуствува и да одлучува.
„Ова значи дека судијата може да си одлучува, меѓутоа да води сметка за своето непристрасно одлучување при судењето“,
рече Ивановска и најави дека мислењето до Уставниот суд ќе го испратат во текот на денот.
На присутните им образложи зошто Комисијата смета дека судијата не е во состојба на судир на интерес.
„Ако гледаме така, тогаш сите судии на некој начин би требале да бидат во некаков судир затоа што секој е некаде штедач“,
рече Ивановска.
Според јавно достапното соопштение, Уставниот суд на седницата на 15 април уште еднаш не донесе одлука по иницијативата за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со кој на Фондот за осигурување на депозити му се дава предност при наплата на побарувањата во стечајната постапка во однос на сите други доверители. Овој пат, дилемата била дали судијата Дарко Костадиновски имал судир на интереси затоа што бил во кумски односи со Коста Костовски, синот на Трифун Костовски, кој беше сопственик и главен акционер во Еуростандард банка. Во врска со ова прашање, Уставниот суд решил да се обрати до ДКСК, која треба да се произнесе дали постои судир на интереси кај судиите на Уставниот суд.
Прашањето за постоење потенцијален судир на интерес минатата недела го отвори токму „360 степени“, бидејќи двајца уставни судии имаат(ле) штедни влогови во Еуростандард банка, чии оштетени штедачи ја покренаа иницијативата, а денеска излегоа и на мирен собир за поддршка на некои уставни судии, за време на траењето на седницата. Еден од уставните судии, судијата Дарко Костадиновски, е во блиски пријателско-роднински врски со семејството на најголемиот акционер во банката.
И во телефонскиот разговор, уставниот судија Дарко Костадиновски потврди дека е близок со Костовски и дека имал деловни односи со банката која сега е во стечај. За разлика од анкетниот лист, каде што пишува дека заедно со сопругата имаат 6 000 евра во банката, Костадиновски дообјасни дека тој влог е повлечен и дека, всушност, тој во моментов има ситни обврски кон банката, од минусот на трансакциската сметка.
„Точно е дека до јули/јуни имав штеден влог, но во моментот на затворање на банката, јас имам само долг кон банката. Станува збор за долг на трансакциска сметка, преку која ја земав платата“,
изјави за „360 степени“ судијата Костадиновски.
Но, според судијата Костадиновски, ниту деловните односи со Еуростандард ниту приватните односи со Костовски не се пречка за тој да учествува во гласањето за иницијативата на штедачите од банката во стечај.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“,
изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.
Слични прашања за тоа – дали во случајот има судир на интереси или не и што ако има, поставивме и до самиот Уставен суд.
Фондот сѐ уште нема обесштетено 24 милиони евра на 780 физички и 12 милиони евра на 2 000 правни лица. Штедачите го оспоруваат, според нив, спорниот член од Законот за банки кој вика дека Фондот има приоритет во стечајната маса и може да ги земе неговите побарувања пред другите штедачи и правни лица во банката.