Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер се придружи на серијата пораки од европските сојузници за поддршка на Украина по вчерашната скандалозна средба меѓу американскиот и украинскиот претседател во Вашингтон
За шефот на државата, неколкуте минути разговор отворен за јавноста меѓу Володимир Зеленски, од една, и Доналд Трамп и Џеј Ди Венс, од другата страна, биле „неверојатни“.
„Дипломатијата пропаѓа кога партнерите во преговорите се понижуваат пред светот“, изјави Штајнмаер за агенцијата ДПА.

Германскиот претседател, избегнувајќи ги вообичаените дипломатски фрази, беше многу директен.
„Сцената во Белата куќа вчера ми го одзеде здивот. Никогаш немаше да верувам дека некогаш ќе треба да ја браниме Украина од САД“, рече Штајнмаер.
Според него, Европејците остануваат посветени на слободата, демократијата и владеењето на правото и притоа мораат да ја спречат Украина да прифати потчинување.
Изјавата на Штјанмаер следува по вчерашната средба во Овалната соба, на која Трамп го обвини Зеленски дека ја загрозува глобалната безбедност со тоа што одбива да преговара за мировен договор со Русија, предупредувајќи дека „се коцка со трета светска војна“.