Во консултација со ИТ експерти, германскиот весник оспорува неколку моменти за позитивниот тест кој Ѓоковиќ тврди дека го имал на 16 декември. „Временскиот печат“ од УРЛ-кодот на тестот всушност упатува на 26 декември – како датум кога тестот бил внесен во системот. Исто така, идентификацискиот број на позитивниот тест (16 декември) е поголем од тој на негативниот тест (22 декември) поради што весникот упатува сомнеж дека наводниот позитивен тест бил генериран во системот неколку дена подоцна
Сагата околу пристигнувањето на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во Австралија за турнирот „Австралија Опен“ продолжува. Новинарите од германски „Шпигел“ извадија на површина нови детали околу случајот доведувајќи ја во прашање валидноста на ковид-тестот што Ѓоковиќ ја прикажал за влез во земјата.
Тенисерот влезе во Австралија без вакцина, но прикажувајќи два ПЦР теста: еден позитивен со датум од 16 декември и еден негативен од 22 декември 2021.
Тестот со датум од 16 декември е всушност „најсилниот“ аргумент со кој Ѓоковиќ ја чекираше својата карта за влез во Австралија. Според доказите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во Србија кои ги презентирал адвокатскиот тим на тенисерот, овој тест бил направен на 16 декември во 13:05 часот во Србија, а позитивниот резултат му бил доставен седум часа подоцна.
Меѓутоа, проверките на „Шпигел“ покажуваат поинаква страна на приказната.
Позитивниот тест е внесен на 26, а не на 16 декември?
Тестовите кои беа објавени и јавно, во себе содрат „кју-ар“ код чие скенирање води до веб-страницата на српскиот ИЈЗ каде може да се видат податоци за конкретниот тест. Оттаму, новинарите во консултација со ИТ-експерти вадат неколку спорни моменти.
Првиот се однесува на УРЛ-кодот. Во УРЛ кодот на секој тест има број кој претставува „временски печат“ за точното време кога тестот е внесен во системот. „Временскиот печат“ во УРЛ кодот на позитивниот тест кој наводно е направен на 16 декември всушност упатува дека тој тест можеби е внесен во системот на 26 декември.
„Дигиталните податоци упатуваат на тоа дека резултатите од тестот не се воопшто од 16 декември. Во дигиталните резултати има временски печат за 14:21 часот на 26 декември. Ваквите временски печати вообичаено се генерираат автоматски во системите каде се објавуваат резултатите од тестовите укажувајќи на времето кога секој индивидуален тест е внесен во базата на податоци“,
пишува „Шпигел“.
Весникот, сепак, нагласува дека „временскиот печат“ може да се однесува и на времето кога резултатот е симнат од серверот.
Меѓутоа, тука се додава и дека за вториот тест од 22 декември, „временскиот печат“ се поклопува со овој датум.
For #Djokovics positive PCR test, which according to the court document was evaluated on December 16, the timestamp (1640524880) is from … ? … December 26. Wait, that doesn't seem right ? pic.twitter.com/iwTLD4GNte
— zerforschung (@zerforschung) January 11, 2022
Кој тест бил прв направен – позитивниот или негативниот?
Вториот аспект поради кој „Шпигел“ го оспорува тестот на Ѓоковиќ се идентификациските броеви.
Конкретно, идентификацискиот број на позитивниот тест на тенисерот направен на 16 декември е 7371999. Меѓутоа, тој број е всушност за 50 000 поголем од негативниот тест од 22 декември чиј идентификациски код е: 7320919.
Нелогичноста која ја наведува „Шпигел“ во консултација со ИТ-експерти, е ако идентификацискиот броеви на тестовите се даваат последователно (од помал кон поголем), тогаш како може позитивниот тест на Ѓоковиќ од 16 декември да биде поголем од идентификациски број од негативниот од 22 декември?!
Прво „негативен“, па потоа „позитивен“?
Уште еден интересен момент кој го нагласува германскиот весник е дека кога тие го отвориле наводниот позитивен тест од 16 декември преку „кју-ар“ кодот имал различен резултат.
Според пишувањето на „Шпигел“, тие со скенирање на „кју-ар“ кодот го отвориле тестот во понеделник во 13:19 часот и тогаш, тврди весникот, резултатот на тестот достапен на интернет страната на српскиот ИЈЗ бил негативен. Меѓутоа, кога по околу еден час (14:33 часот) повторно го отвориле тестот тој покажувал дека е позитивен.