Тој порача дека е потребно дипломатско дејствување за до 2035 година Европа да не стане „вооружена до заби“, туку да биде континент на мир и соработка
Шпанскиот премиер Педро Санчез изрази противење на идејата земјите-членки на Европската унија да ги зголемат одбранбените расходи на пет проценти од БДП, како што бара американскиот претседател Доналд Трамп. Во интервју за шпанскиот весник Паис, Санчез рече оти иднината на Европа не треба да се темели на милитаризација, туку на единството и почитувањето на меѓународното право и оти е потребно дипломатско дејствување за до 2035 година Европа не се „вооружува до заби“, туку да биде континент на мир и соработка.
„Каков свет сакаме да им оставиме на нашите деца? Свет во кој одбранбените буџети ќе изнесуваат пет проценти од БДП?“,
рече шпанскиот премиер.
И покрај ваквиот став, Санчез призна дека Шпанија во сегашните геополитички услови е принудена да ги зголеми своите трошоци за одбрана и безбедност, објаснувајќи дека тоа е дел од напорите за зајакнување на европската автономија во оваа област. Тој рече и дека Шпанија останува сигурен и доверлив сојузник во рамките на НАТО.
„Распоредувањето на шпанските војници на источниот фронт на Европа за заштита на Бугарија, Романија, Литванија и Естонија од неоимперијалните амбиции на Путин е најдобар доказ дека Шпанија е сигурен партнер, како во рамките на Алијансата, така и во рамките на сопствените капацитети,“
заклучи тој.
