Шпанија во јули ги отвора граници за странски туристи, најави премиерот Педро Санчез.
Тој порача дека Владата ќе ја гарантира безбедноста на посетителите и локалното население по олабавувањето на блокадата на земјата поради ковид-19.
„Како што знаете, Шпанија има повеќе од 80 милиони посетители годишно. Најавувам дека од јули, земјата повторно ќе се отвори за странски туризам во безбедни услови. Туристите можат да планираат одмор во нашата земја. На Шпанија и треба туризмот, а на туристите им е потребна безбедност. Гарантираме дека за туристите нема да има ризик, ниту тие ќе бидат ризик за нашата земја“,
порача Санчез.
Тој рече дека соседните земји со недели планираат и го координираат враќањето во нормала на овој сектор.
„Ние денес испраќаме порака, Шпанија ќе ве чека од јули“,
порача Санчез.
Тој ги повика Шпанците да започнат со планирање на домашните празници, а исто така најави дека фудбалските лиги ќе можат да продолжат од 8 јуни.
Санчез рече и дека од вторник ќе започне двонеделниот период на национална жалост за жртвите од ковид-19. Бројката на починати од вирусот во Шпанија достигна 28 628 лица.