Вкупно 832 лица во Шпанија во изминатите 24 часа починале од коронавирусот, соопшти шпанското Министерство за здравство.
Со тоа, бројот на смртни случаи во Шпанија достигна 5 960 лица, а вкупниот број на регистрирани заболени лица е 72 248.
Шпанија е една од најпогодените земји од ковид-19 по Италија, каде исто така рапидно продолжува да расте стапката на смртност.
Во последните 24 часа во Италија починале 969 лица и биле регистрирани 5 909 нови случаи. Вкупниот број на починати достигна 9 134 лица.
Големо зголемување на бројот на заболени регистрираа и САД, каде во последните 24 часа потврдени се нови 14 602 позитивни случаи на коронавирусот и 241 смртни случаи.
Раст на бројот на позитивни случаи на ковид-19 бележи и Индија, која веќе воведе целосен карантин во земјата со забрана за движење на граѓаните. Во последните 24 часа таму биле регистрирани нови 149 лица позитивни на ковид-19, со што вкупниот број на заболени достигна 873 од кои 19 починаа.
Добри вести засега доаѓаат само од Кина каде во изминатите 24 часа не е забележан ниту еден локално пренесен случај од новиот коронавирус. Пријавени биле 54 нови заболени, кои според локалните власти, дошле во земјата од странство. За да го спречи „увозот“ на заболени од коронавирус од денеска Кина воведува поригорозни мерки за странските државјани и привремено го суспендира влезот на луѓето со виза или дозвола за престој.
Според најновите податоци, вкупно во светот досега се регистрирани 600 859 луѓе заразени со коронавирус. Од нив починати се 27 417, а биле излечени 133 426 лица.