СЗО го оцени новиот сој како висок глобален ризик – проценка која ја заснова на тоа што омикрон има голем број на мутации што доведуваат до поголем ризик од повторени инфекции кај прележаните лица
Шпанија го регистрираше првиот случај на заразени со омикрон сојот на коронавирусот. Станува збор за 51-годишен маж кој вчера преку Холандија допатувал од Јужноафриканската Република, соопштија здравствените власти во Мадрид.
Мадридската лабораторија која го секвенционирала и потврдила новиот сој соопшти дека пациентот е во добра здравствена состојба и има благи симптоми.
Досега, омикрон сојот беше потврден во десетина земји откако за првпат беше откриен во Јужноафриканската Република. Тој предизвика бран рестрикции и затворање на границите за патниците од овој регион. Меѓу европските земји кој го потврдија се Холандија, Германија, Италија и Велика Британија. Сомнителен случај регистрираше и Австрија. Тој беше потврден и во Хонг Конг, Израел, Австралија.
Светската здравствена организација (СЗО) го оцени новиот сој како висок глобален ризик – проценка која ја заснова на тоа што омикрон има голем број на мутации што доведуваат до поголем ризик од повторени инфекции кај прележаните лица.
Од Брисел, пак, денеска стигна информација дека се очекува во наредните денови лидерите на ЕУ да се состанат на вонреден лидерски самит кој би се одржал преку видеоконференциска врска, а на кој би дискутирале за европската стратегија за справување со вирусот.
Денеска во јавноста се обрати и американскиот претседател, Џо Бајден, кој рече дека омикрон е причина за загриженост, но не и за паника и уште еднаш повика на масовна вакцинација потенцирајќи дека е неопходно да се прими и трета доза.