Шпанија, земјата која беше меѓу најтешко погодените на почетокот на пандемијата, моментално има една од најниските стапки на инфекција во Европа – само 63 случаи на 100 000 луѓе во последните 14 дена
Со најголема стапка на вакцинација меѓу големите европски земји, Шпанија е поштедена од новиот бран на инфекција со коронавирус кој се прошири на поголемиот дел од континентот, но експертите предупредуваат дека земјата е сè уште подложна на вирусот.
Шпанија, земјата која беше меѓу најтешко погодените на почетокот на пандемијата, моментално има една од најниските стапки на инфекција во Европа – само 63 случаи на 100 000 луѓе во последните 14 дена.
Стапката е 12 пати повисока во Велика Британија, а шест пати повисока во Германија и Полска, според анализата на АФП врз основа на официјални податоци.
Премиерот Педро Санчес во средата рече дека трендот на справување со пандемијата во Шпанија е „позитивен“.
„Имаме повеќе од доволно причини да се чувствуваме горди на она што го постигнавме“,
додаде тој.
Околу 79 отсто од населението е целосно вакцинирано, во споредба со само 67 отсто вакцинирани во Британија и Германија.
Шпанија особено се издвојува по вакцинацијата на ранливите, постарите возрасни групи. Повеќе од 99 отсто од Шпанците постари од 70 години се вакцинирани со двете дози.
„Во Шпанија нема дилеми околу вакцината – програмата за вакцинација се спроведува по возрасни групи, почнувајќи од најстарите и тоа донесе добри резултати“,
изјави Ињаки Комас, истражувач во Биомедицинскиот институт во Валенсија.
Умерената клима во Шпанија, исто така, помогна да се спречи ширењето на вирусот, бидејќи луѓето можат да се собираат на отворено.
Додека ограничувањата за големината на социјалните собири се укинати, маските сè уште се потребни на затворени јавни места.
Но, експертите предупредуваат дека со доаѓањето на постудено време, со опаѓање на заштитата добиена со вакцинација со текот на времето и со новите варијанти што полесно се шират, стапката на зарази веројатно ќе се зголеми.
„Овие три фактори се плодна почва за коронавирусот“,
рече Комас, додавајќи дека Шпанија „влегува во многу критичен момент“.
Сезар Карбаљо, лекар во одделот за итни случаи на болницата во Мадрид, потврдува дека стапката на инфекција со коронавирус во земјата ќе се зголеми, бидејќи постуденото време ќе поттикне преместување на социјалниот живот во затворени простории.
„Знаеме како се пренесува вирусот и кога ќе дојде постудено време се префрламе во затворени простори каде што вирусот почнува да се шири“,
рече тој.
Институтот за здравствена метрика и евалуација (IHME) на Универзитетот во Вашингтон предвидува дека бројот на инфекции во Шпанија ќе почне да расте во вториот дел на ноември и ќе го достигне својот врв на крајот на годината.
„Стапките на заразени може да бидат високи, но ако луѓето се вакцинирани и не се многу болни, тоа не треба да биде проблем“,
вели Комас.