Со приемот на секоја нова членка ќе се зголеми ризикот некој од членките да прибегне кон вето и на тој начин да ги спречи другите членки да се развијат, изјави германскиот канцелар во Прага
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Прага го поддржа проширувањето на Европската Унија на Западен Балкан, како и реформата на Унијата, која предвидува, постепено преминување на мнозинско одлучување во надворешната и даночната политика поради зголемените разлики меѓу членките.
„Земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и евентуално Грузија треба да влезат во ЕУ. Во ваква проширена Унија ќе се зголемуваат разликите меѓу членките во однос на нивните политички интереси, економското влијание и општествените системи“,
предупреди канцеларот во предавањето на Универзитетот Карл на тема „Иднината на Европа“.

Шолц рече дека со приемот на секоја нова членка ќе се зголеми ризикот некој од членките да прибегне кон вето и на тој начин да ги спречи другите членки да се развијат.
„Затоа предложив постепена транзиција кон мнозинско гласање за надворешната политика, но и за други области, како што е даночната политика, и целосно сум свесен дека тоа ќе има последици и за Германија“,
им рекол Шолц на чешките студенти, јави чешката јавна телевизија ЧТ.
Канцеларот рече дека Германија целосно го променила својот курс по рускиот напад на Украина и дека Берлин ќе му помага на Киев се додека тоа е потребно.
Шолц, исто така, предложи Европа да изгради свој систем за противвоздушна одбрана бидејќи „тоа би бил безбедносен придонес за цела Европа и би бил поефикасен и поевтин отколку кога секоја земја ќе го изгради на свој трошок“.