Во исто време, германскиот канцелар ја повтори својата одлука да не ги испраќа германските крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина. Рече дека Германија е најголемата поддршка од европските земји за Киев и ќе продолжи да го прави тоа, но дека е важно сè што прави да го прави со претпазливост
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја искритикува финалната декларација на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро бидејќи во неа јасно не е наведено оти Русија е одговорна за војната во Украина.
„Рускиот претседател Владимир Путин ја бомбардира Украина 1 000 дена во кои луѓето мораа да страдаат поради слепа мегаломанија, со цел едноставно со сила да ја прошири својата земја“,
рече Шолц обраќајќи им се на лидерите од Г-20.
Според германскиот канцелар, би било недоволно ако овие 20 земји не најдат јасни зборови за одговорноста на Русија во врска со ова прашање.
Во исто време, Шолц ја повтори својата одлука да не ги испраќа германските крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина. Рече дека Германија е најголемата поддршка од европските земји за Киев и ќе продолжи да го прави тоа, но дека е важно сè што прави да го прави со претпазливост.
„Според мене, снабдувањето на Украина со крстосувачки ракети би било грешка поради многу причини“,
додаде тој, вклучувајќи ја и опасноста тоа да ја доближи Германија до директен конфликт со Русија.
По состанокот на Г-20, на прес-конференција во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, ги искритикува лидерите на 20. земји за, како што вели, неуспехот да дејствуваат откако Путин потпиша декрет за олабавување на руските стандарди за употреба на нуклеарно оружје.
„Денес земјите од Г-20 се во Бразил. Дали кажаа нешто? Ништо“,
им рече Зеленски на новинарите и додаде дека не успеале да развијат силна стратегија.