Германскиот канцелар ја обвини Русија за „еклатантен империјализам“, ветувајќи и на Украина дополнителна воена поддршка, додека францускиот претседател ја нарече пародија најавата за одржување референдум за припојување на четири украински региони кон Русија
Руската инвазија на Украина доминира во говорите на германскиот канцелар Олаф Шолц и на францускиот претседател Емануел Макрон на Генералното собрание во ОН.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја обвини Русија за „еклатантен империјализам“, ветувајќи и на Украина дополнителна воена поддршка.
„Путин ќе се откаже од својата војна и од своите империјални амбиции само ако сфати дека не може да победи“,
рече Шолц, додавајќи дека „тој не само што ја уништува Украина, туку ја уништува и сопствената земја“.

Шолц уште рече дека нема да биде прифатен „диктиран мир“ и оти Украина мора дополнително да се вооружи за да ја одбие руската инвазија.
„Ние ја поддржуваме Украина со сите сили: финансиски, економски, добротворни и исто така со оружје“,
нагласи тој.
Непосредно пред канцеларот да замине од Германија за Њујорк, владата во Берлин вети дополнителни испораки на оружје од резервите на Бундесверот, вклучувајќи уште четири самоодни хаубици.
Германскиот канцелар рече дека акциите на Русија во Украина не се само катастрофа за Европа, туку и за глобалниот поредок и светскиот мир.
„Затоа беше толку важно што 141 држава недвосмислено ја осудија руската инвазија овде во оваа просторија“,
рече Шолц, мислејќи на гласањето во ОН во март по нападот на Русија врз нејзиниот сосед.
Францускиот претседател Емануел Макрон од говорницата на Генералното собрание на ОН ја обвини Русија за „враќање на империјализмот“ поради нејзината инвазија на Украина која започна на крајот на февруари.

„Она на што сме сведоци од 24 февруари е враќање на ерата на империјализмот и колониите. Франција го одбива тоа и упорно ќе бара мир“,
рече Макрон во говорот на генералната дебата на Генералното собрание на ОН.
„Кој е денес хегемонист, ако не Русија“,
додаде Макрон, оценувајќи дека „оние кои молчат за таа инвазија му служат на овој нов империјализам со одредено соучесништво и тоа претставува модерен цинизам кој го загрозува меѓународниот поредок, без кој мирот не е можен“.
Пред да разговара со новинарите во Њујорк, Макрон најавата за одржување референдум за припојување на четири украински региони кон Русија ја нарече пародија.
Францускиот претседател додаде дека најавата за организирање референдум претставува дополнителна провокација и цинизам.
Проруските власти во четири региони на Украина најавија итно одржување референдуми за приклучување кон Русија од 23 до 27 септември.