Американскиот милијардер Илон Маск, кој е и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, ја потврди денеска својата поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AфД) во видеопорака на почетокот на предизборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 23 февруари
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го обвини американскиот милијардер Илон Маск, сопственик на платформата Икс, дека ги користи неговите социјални медиуми за да се меша во глобалните прашања и да поддржува екстремно десничарски движења.

Во интервју за турски медиуми, пред парламентарните избори закажани за 23 февруари во Германија, Шолц изрази загриженост за влијанието на Маск врз демократските процеси во Европа.
„Го запознав Маск одамна. Разговаравме кога ја отвори својата фабрика во Бранденбург. Подоцна имавме уште еден телефонски разговор, кој исто така беше за неговите деловни интереси. Меѓутоа, тој неодамна почна да ја користи својата новостекната медиумска моќ за да се меша во сите случувања ширум светот“,
рече Шолц.
Инаку, американскиот милијардер Илон Маск, кој е и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, ја потврди денеска својата поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AфД) во видеопорака на почетокот на предизборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 23 февруари.
„Многу е важно дека луѓето во Германија се гордеат што се Германци“, рече Маск во обраќањето преку видеоврска на митингот на АфД во Хале ан дер Заал истакнувајќи дека германската култура датира илјадници години и дека римскиот император Јулиј Цезар бил импресиониран од борбениот дух на германските племиња, објави NTV.de.
Според него, Германија страда поради прекумерната бирократија од Брисел.
„Силно се надевам дека АфД ќе постигне добар резултат и Алис Вајдел ќе стане канцелар“,
додаде тој во петминутниот говор.
