Премиерката на Шкотска Никол Старџон изрази надеж дека Шкотска ќе стане независна и пак ќе и се придружи на Европската Унија. Таа потсетува дека жителите на Шкотска во 2016. гласаа против излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
„Минуваме низ Брегзит против нашата волја, во најлош момент, среде пандемија и рецесија. Нашите граѓани се помалку сигурни и правото да учат, работат или живеат во ЕУ сега им е ограничено“,
вели Старџон во својот авторски текст на веб страницата на нејзината матична партија.
Таа изразува решеност повторно да биде организиран референдум за независност на Шкотска, седум години откако првиот обид пропадна.
Иако последната одлука околу организацијата на референдум ја има британскиот премиер Борис Џонсон, кој е жесток противник на таа идеја, евентуалната победа на партијата на Старџон на локалните избори во мај, би го зголемила притисокот врз Лондон да се согласи со одржување нов референдум.
Според последната анкета која ја објави весникот „The Scotsman”, како никогаш досега, 58 отсто Шкоти подржуваат раскинување на врските со Велика Британија.