Од фудбалскиот клуб се оградуваат од ваквото однесување, кое, како што наведуваат во писменото соопштение, не го претставува ниту клубот, ниту нивната навивачка група во целина
Управата на тетовскиот фудбалски клуб Шкендија вечерва изрази жалење и осуда за денешниот инцидент пред почетокот на натпреварот со ФК Брера, кога навивачи свиреа и скандираа на едноминутниот молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.

Непримерното и скандалозно однесување, според клубот, дошло од група од околу 20 неодговорни навивачи кои за разлика од мнозинството присутни на трибините не го почитувале молкот.
Од фудбалскиот клуб се оградија од ваквото однесување, кое, како што наведуваат во писменото соопштение, не го претставува ниту клубот, ниту нивната навивачка група во целина.
„Шкендија ја почитува минутата молчење што ја воведе Фудбалската федерација на Македонија во чест на жртвите. Сепак, во овој момент, група поединци на трибините избраа да не го почитуваат молкот, однесување кое не го претставува ниту клубот ниту навивачката база во целина. ‘Балистите’ (навивачката група на Шкендија), кои вообичаено стојат на трибината на ‘Маршин Беќири’ зад голот, овојпат беа сместени на централната трибина. На стадионот имаше околу 3-4 000 гледачи, додека само група од околу 20 поединци покажаа неодговорно однесување, што не ги претставува чувствата, солидарноста и почитта на мнозинството присутни навивачи. ‘Балистите’ се 12-ти играч на клубот и отсекогаш биле нераскинлив дел од Шкендија, но неодговорното однесување на одредена група поединци не го отсликува ставот на навивачката група која моментално е во процес на реорганизација, ниту на останатата јавност која во тој момент реагираше со свирежи за изразување на незадоволството“, стои во соопштението објавено на веб-страницата на тетовскиот клуб.
Оттаму велат дека со целосна одговорност ја следат и почитуваат секоја институционална одлука поврзана со моменти кои се чувствителни за општеството.
„Како клуб, длабоко ја доживеавме трагедијата што се случи во Кочани, настан кој ја шокираше целата земја и емоционално влијаеше на нашиот секојдневен живот. Ова чувство беше присутно на секој тренинг во овие денови, а се одрази и на натпреварот против АП Брера, каде и покрај победата од 2:1 и одржувањето на првото место на табелата, тимот не ја доживеа вообичаената радост по натпреварот“, велат од клубот.
Скандалот што го предизвикаа навивачи на Шкендија се случи пред почетокот на натпреварот со ФК Брера од Струмица. Според она што може да се види и слушне од снимката од натпреварот на Јутјуб каналот на ФФМ, додека играчите на двете екипи и судиите стојат на периферијата од кругот на централниот дел на теренот за едноминутниот молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани, од трибините продолжуваат да се слушаат извици, а потоа и свирежи, кои потоа преминуваат во скандирања.
Од снимката на ФФМ, која во живо на Јутјуб канал ги пренесува натпреварите од домашното првенство, не се гледа од каде точно доаѓа недоличното однесување, бидејќи кадарот е фокусиран на теренот каде се играчите.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во врска со настанот соопшти дека отвора дисциплинска постапка против фудбалскиот клуб Шкендија поради, како што велат, нечовечното однесување на навивачите и непочитувањето на молкот.
„Овој чин претставува недопустливо непочитување кон загинатите и нивните семејства. За вакви нелуѓе нема место во фудбалот“, велат од ФФМ.
Оттаму наведуваат дека ќе преземат соодветни мерки, согласно правилата, за вакви недолични постапки никогаш повеќе да не се повторат.
Во врска со настанот реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочија дека не само што станува збор за неетички чин, туку и тоа што беше манифестирано го нарушува единството и солидарноста која, како што наведуваат, е повеќе од потребна во овие моменти.