Бранителот на Хазари условно кажано го нападна и делот што го товари неговиот клиент за соизвршителство. Како што наведе, за неговиот клиент да се гони за ова тело требало кај него и кај сите други обвинети да има свест и умисла да го предизвикаат пожарот

Нејасно е од обвинението како со проверка и давање одобрение на барање за лиценца за работа, обвинетиот Шофкет Хазари можел да го предизвика пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Ова во воведните зборови го кажа адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Хазари, кој бил државен советник во Министерството за економија, надлежно за издавање лиценца за работа на угостителски објект.
Претходно Шилегов наведе дека станува збор за најтешкиот предмет во историјата на македонското правосудство.
„Свесни сме дека не постои суд во овој свет, вклучувајќи го и овој, свесни сме дека не постои пресуда која може да ги отстрани последиците од овој настан. Било кој, ако може да го врати времето, ќе помисли на 16 март 2025. Токму заради тоа исправени сме сите, а судот најмногу, да се донесе правно одржлива пресуда што ќе може да даде утеха на оштетените, но судот мора да донесе пресуда којашто не смее да нанесе неправда на ниту еден од обвинетите во оваа постапка, а особено не на мојот клиент Шофкет Хазари“,
рече неговиот бранител Шилегов.
Цитирајќи го делото предизвикување општа опасност што му се става на Хазари, адвокатот кажа дека според неговата суштина тоа е дело што настанува во момент, непосредно, а кој тоа го направил е јасно.
Како што кажа Шилегов, неговиот клиент, според Обвинителството, дал согласност за една лиценца за „Пулс“ и извршил проверка на уште три барања за лиценца.
„Она што не е јасно во обвинителниот акт е како со овие дејствија од 2013 до 2019 година Хазари го предизвикал пожарот на 16 март 2025 година“,
рече Шилегов.
Тој рече дека работата на Хазари била да утврди дали целокупната документација е во предметот или не е, ако е во предметот, должен е да потпише дека проверил. Тоа се оние четири потписи од органите на државната управа.
„Кога добивате предмет којшто е комплетен, вие сте должни да го проследите во натамошна административна постапка којашто во овој случај резултира со издавање лиценца. Оттука нејасно е како Хазари го предизвикал пожарот. Не може одобрение што сте го дале, како дел од работните обврски, да биде предизвикувач на пожар“,
кажа Шилегов.
Бранителот на Хазари условно кажано го нападна и делот што го товари неговиот клиент за соизвршителство. Како што наведе, за неговиот клиент да се гони за ова дело требало кај него и кај сите други обвинети да има свест и умисла да го предизвикаат пожарот.
Шилегов ја оцени како „глупава“ теоријата на Обвинителството за каузалитет. Во таа насока, тој праша зошто не се гонат актуелни министри и директори, туку само поранешни ако постои причинско-последична врска .
„Многу едноставно, не се вклопуваат во конструкцијата на теоријата на Обвинителството за каузалитет“,
рече Шилегов.
Адвокатот праша, ако Обвинителството тврди дека 13 години постоел тој „јавашлук“ во Кочани, каде било тоа.
„По закон за Јавното обвинителството е државен орган којшто гони сторители на кривични и други казниви дела. Ако тврдите дека постоел тој јавашлук, што правевте вие цели 13 години во Кочани. Наместо да го читате обвинението, ќе требаше да го слушате“,
рече Шилегов.
Обвинетиот Зоран Николовски, службеник во Министерството за економија, во секторот за туризам, во воведните зборови по оние на одбраната на Шофкет Хазари, рече дека по закон не бил надлежен да врши контрола дали угостителските објекти ги исполнуваат условите, туку само да ги проверат документите од ДПИ. Така постапил и кога првпат било одбиено барањето за објектот во 2013 поради непотполна документација, како и по еден месец, кога била издадена лиценца по поднесени целосни документи што ги барал законот.
Рече дека воопшто не знаел за кабарето „Пулс“.
