Коментирајќи го инцидентот кај депонијата Вардариште, каде што двајца редари на Град Скопје биле физички нападнати од граѓани кои нелегално истурале отпад, скопскиот градоначалник Петре Шилегов прстот го впери во техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
„Згорзен сум од Наќе Чулев. Згрозен сум како човек, затоа што станува збор за човек кој очигледно има мисија да направи целосна девастација на правниот систем во нашата држава. Непостапувањето на полицијата во ниту еден од случаите, кои би ни обезбедиле нормала во смисла на попуштање на епидемијата, јавното негово декларирање дека нема да казнува, придонесува луѓето да добијат сила за таква анархија како што вчера се случи официјалните лица – инспектори на Град Скопје да бидат нападнати“,
порача Шилегов.
Тој посочи дека случајот го пријавиле во полициската станица во Гази Баба и дека очекува, како што вели, полицијата конечно да се разбуди.
„Наќе Чулев треба да престане да се однесува како евтин платеник на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи е очигледно, за сите здраворазумни луѓе во нашава држава, дека политичката агенда на Чулев, еве да не биде дека и на ДПМНЕ, но јас сум убеден лично во тоа, е да се загрози здравствената и економска состојба во државата со цел да направат некаков ситен профит, евентуален, во изборите кои сакале или не ќе ни се случат оваа година“,
рече Шилегов.
Шилегов се осврна и на вчерашниот прилог на „360 степени“ каде новинарите обелоденија како полициски службеници пазарат во локална продавничка со останатите граѓани, додека на сила е полициски час.
„Вие ги гледате и вашите колеги што ги испитуваа состојбите на полицискиот час и поведението на полицијата. Тое е недозволиво“,
порача Шилегов.
Градоначалникот додаде дека „неприфатливо е на грбот на нечии животи да се прават политички поени“.
