Хаосот во урбанистичкото планирање што се случува во Скопје е резултат на некадарното носење на генералниот урбанистички план во 2012 година. Тоа овозможи да се случуваат сите овие девијации во урбанизмот како нарушувањето на јавниот простор и уништувањето на животната средина, вели актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов, во вечерашната дебата на „360 степени“ на која се соочени сите шестмина кандидати за градоначалници на главниот град.
„Ние сме сега во фаза на носење на новиот генерален урбанистички план и тоа е вистинска можност да го вратиме градот онаму каде што треба. Враќаме одредени вредности кои беа предвидени во генералниот урбанистички план од 2002 година и ќе спречи вакви појави. Многу битно е што предвидуваме тешката индустрија да замине од градот Скопје. Она што јас инсистирам како градоначалник е и во иднина, во 2022 година, јужната обиколница онаа што го сече Водно, бидејќи имаме политички структури кои сакаа да пробиваат патишта низ Водно, тоа да го снема со цел да спречиме да дојде до евентуална реализација на тоа“,
рече Шилегов.
Тој додаде дека сето она што го зборувале дека мора да се гради по план, тоа сега и се спроведува.