Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат од СДСМ за втор мандат, Петре Шилегов, вели дека со пренамена на парите предвидени за проектот „Скопје 2014“ се реконструирани сите 23 средни училишта во главниот град.
Тој, на денешната прес-конференција рече дека годинава започнала и реконструкцијата на објектот на средното училиште „Кочо Рацин“ во скопската Општина Ѓорче Петров, кое е и последното 14-то по ред кое добива енергетски ефикасна фасада. За останатите училишта тој рече дека се направи друг вид на реконструкции.
„Овие реконструкции на фасадите ги започнавме пред 3 и пол години со пренамена средства во висина од 70 милиони денари кои тогаш беа наменети за барокни фасади во центарот на градот како дел од криминалниот проект Скопје 2014. И токму тука е главната разлика на она што го правиме денес и она што некој друг го правеше во минатото. Додека некој правеше фасади од стиропор и споменици од бронза ние реконструираме средни училишта, градиме нови булевари, развиваме велосипедска мрежа“,
рече Шилегов.
Тој, рече дека Скопје треба да продолжи да се развива и да се создаваат квалитетни услови за образование.
„За да можеме да продолжиме заедно во оваа насока, во недела е потребен вашиот глас. Ајде да се обединиме за прогресот на Скопје. Секој глас е важен. Секој глас одлучува. Да не дозволиме Скопје да се врати назад и наместо да вложуваме во едукација и образование, да трошат на камен, стиропор и бронза. Вие одлучувате“,
рече Шилегов.