Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов, најави нови мерки, со кои вели дека просечно скопско семејство со две деца или повеќе деца во градинка и основно училиште, на годишна основа ќе може да заштеди меѓу 350 и 400 евра на храна.
„Објавените мерки за субвенционирање на оброците за храна во скопските градинки и основни училишта на едно просечно скопско семејство со две деца, на годишна основна може да му овозможат заштита помеѓу 350 и 400 евра, покажуваат деталните пресметки. Така, семејствата кои имаат само едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно, благодарение на помошта и субвенционирањето од страна на градот, а двојно или тројно повеќе ќе заштедат оние семејства кои имаат две или три деца во градинка, основно училиште“,
вели Шилегов.
Според неговите пресметки просечното плаќање од 1 450 денари за градинка во Скопје, се намалуваат до 700 денари месечно.
„Кога на ваквата мерка ќе се додаде и таа за субвенционирање на храната за учениците во основните училишта, со 50 отсто од сумата на чинење, која сега изнесува околу 2 000 денари месечно, тогаш пресметките покажуваат дека родителите на годишна основа ќе може да заштедат и до 200 евра. На овој начин, значајно се олеснува семејниот буџет, а родителите ќе плаќаат поевтини оброци за сопствените деца, кои градот и општините ќе ги субвенционираат со 50 отсто од вредноста. Како додадена вредност кон ваквите мерки е и онаа за добивање на бесплатно овошје за сите средношколци, со што директно се промовираат здравите навики кај младите поколенија“,
вели Шилегов.
Со овие предлог мерки, Шилегов смета дека ќе се добие поинаква социјална слика на градот и Скопје да стане социјално свесен град.